Бугарија доби 489,3 милиони евра од ЕУ за ракети и хаубици во рамки на SAFE

Бугарија денес ја доби првата исплата од европскиот одбранбен инструмент „Мерки за безбедноста на Европа“ (SAFE). Станува збор за 489,3 милиони евра, што претставува 15% од вкупно одобрените средства за земјата, во износ од 3,3 милијарди евра.

Планирано е средствата да се искористат за набавка на седум нови трикоординатни (3D) радари, крајбрежен противбродски ракетен систем од САД, француски самоодни артилериски системи „Цезар“ (Caesar), германски копнени системи за противвоздушна одбрана „ИРИС“ (IRIS), артилериски гранати од 155 милиметри, транспортни средства, ракетни системи за повеќекратно лансирање и друга опрема.

SAFE е финансиски инструмент вреден вкупно 150 милијарди евра, преку кој на земјите членки им се обезбедуваат заеми. Главно се финансираат заеднички набавки на муниција, ракети, системи за противвоздушна одбрана и копнени борбени системи произведени во ЕУ.

SAFE е дел од планот на Европската комисија „ReArm Europe“ (Подготвеност 2030), чија цел е да мобилизира повеќе од 800 милијарди евра за инвестиции во одбраната низ Европската Унија.

Предфинансирањето ќе ѝ помогне на Бугарија да ги забрза приоритетните инвестиции во одбраната, да ја зајакне отпорноста и да ги модернизира своите воени способности во согласност со заедничките европски цели.

SAFE е создаден за да овозможи брзи и координирани активности, да ја подобри способноста на европските вооружени сили за заедничко дејствување и да ја зајакне европската одбранбена индустрија, вклучително и преку заеднички набавки и поголема прекугранична соработка.

И Латвија денес ја доби својата прва исплата.

Еврокомесарот за одбрана и вселена Андриус Кубилиус изјави:

„Со овие први исплати од SAFE им помагаме на Бугарија и Латвија да ги забрзаат клучните инвестиции во одбраната, истовремено зајакнувајќи ја нивната подготвеност и отпорност. Делуваме брзо и решително за да ги поддржиме земјите членки на источниот фронт на ЕУ. SAFE им овозможува побрзо да инвестираат, поефикасно да организираат набавки преку заеднички активности и да ја зајакнат европската одбранбена индустриска база.“

Следните исплати ќе се реализираат во зависност од исполнувањето на договорените цели и напредокот во спроведувањето на плановите.

Пронајдете не на следниве мрежи: