Министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, заедно со градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов и генералниот секретар на Црвениот крст на Република Северна Македонија, Саит Саити денеска присуствуваа на отворањето на Центарот за дневен престој на стари лица со активно стареење во оваа општина.
Центарот е воспоставен во Општина Гевгелија преку Проектот за подобрување на социјалните услуги на Министерството за социјална политика, демографија и млади. Апликант е Општина Гевгелија, додека давател на услугата е Црвениот крст на Република Северна Македонија – Општинска организација Гевгелија.
Со воспоставувањето на Центарот ќе се обезбедува достапна, квалитетна и континуирана социјална услуга во заедницата, наменета за лица над 65 години, особено за оние кои живеат сами или со брачен партнер, се изложени на ризик од осаменост и социјална изолација или имаат потреба од дневна поддршка, дружење и активен начин на живот.
Центарот има капацитет за 50 корисници, а ќе работи пет дена во неделата. Активностите ќе се организираат согласно индивидуалните потреби, можности и интереси на корисниците.
Во рамки на Центарот ќе се реализираат социјални, културни, едукативни, креативни, рекреативни и здравствено-превентивни активности, со цел подобрување на квалитетот на животот, одржување на функционалноста, поттикнување на активното стареење и поголема вклученост на повозрасните лица во локалната заедница.
„Нашата цел е социјалните услуги да бидат што поблиску до граѓаните и да создадеме услови секој човек, без оглед на возраста, да има можност за достоинствен, активен и квалитетен живот. Центрите од ваков тип се важни затоа што не нудат само дневен престој, туку создаваат простор за дружење, активности, поддршка и повторно поврзување со заедницата“, истакна министерот Велковски.
Центарот располага со целосно опремен и функционален простор, со простории за дружење, одмор и групни активности, целосно опремена кујна, како и услови за безбедно движење на корисниците.
Отворањето на Центарот е потврда дека со соработка меѓу институциите, локалната самоуправа и организациите кои работат директно со граѓаните, можеме да создадеме услуги кои имаат вистинско и директно влијание врз квалитетот на животот на луѓето, соопшти Министерството за социјална политика, демографија и млади.
The post Велковски: Отворен Центар за дневен престој на стари лица со активно стареење во Гевгелија appeared first on Во Центар.



