Земјите од ОПЕК+ постигнаа договор за стабилно производство на нафта и покрај тензиите меѓу Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, и откако САД го уапсија венецуелскиот претседател Николас Мадуро.
Состанокот на осумте членки на ОПЕК+, Саудиска Арабија, Русија, ОАЕ, Казахстан, Кувајт, Ирак, Алжир и Оман, кои произведуваат околу половина од светската нафта, се одржа по падот на цените од повеќе од 18 проценти во текот на 2025 година, што е најголем пад од 2020 година, поради загриженост за прекумерна понуда на пазарот, јавува телевизијата BFM.
Земјите на ОПЕК+ ги зголемија своите цели за производство на нафта за околу 2,9 милиони барели дневно помеѓу април и декември 2025 година, што претставува речиси три проценти од глобалната побарувачка за нафта.
Во ноември, тие одлучија да го суспендираат понатамошното зголемување на производството во текот на јануари, февруари и март.
Еден делегат на организацијата изјави дека прашањето за Венецуела не било дискутирано за време на краткиот онлајн состанок .
Следната средба е закажана за 1 февруари, според соопштението.
Тензиите меѓу Саудиска Арабија и Емиратите околу конфликтот во Јемен се засилија минатиот месец, но извори на ОПЕК+ досега не посочија дека спорот би можел да влијае на денешните разговори.
Јеменската влада, сојузник на Саудиска Арабија, во петокот започна она што го нарече мировна операција за враќање на воените позиции од јужните сепаратисти поддржани од Обединетите Арапски Емирати.
Во саботата, САД го заробија претседателот на Венецуела, Николас Мадуро , а американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Вашингтон ќе ја преземе контролата врз таа земја сè додека не биде можна транзиција кон нова администрација, без да прецизира како.
Венецуела има најголеми резерви на нафта во светот , дури и поголеми од оние на лидерот на ОПЕК, Саудиска Арабија, но нејзиното производство на нафта се намали поради долгогодишно лошо управување и санкции.
Според аналитичарите, малку е веројатно дека производството на сурова нафта во Венецуела значително ќе се зголеми во наредните години, дури и ако американските нафтени компании инвестираат милијарди долари што ги вети американскиот претседател Доналд Трамп, според BFM.
The post Венецуела има најголеми резерви на нафта, но нема ништо од тоа: Производството е намалено поради лошо управување appeared first on Во Центар.



