Венецуела на раскрсница по Уго Чавез

Претседателот на Венецуела, Уго Чавез, почина од последиците од рак ноќта од вторник кон средата, откако претходно во понеделникот беше објавено за влошување на неговото здравје, по што беше свикана итна седница на политичкиот и воениот врв на земјата,со која претседаваше заменик-претседателот Николас Мадуро, кого претходно Чавез ги именувал за свој наследник.

 Веста за смртта на венецуелскиот претседател Уго Чавез за јавноста ја соопшти заменик-претседателот Николас Мадуро во изјавата дадена со солзи во очите и опкружен со министрите и воените команданти емитувана директно на венецуелската државна телевизија.
„Ја добивме најтажната и најтешката вест. Во вторникот во 16.25 часот (по локално време – 21.55 часот по македонско време), почина нашиот ‘команданте' претседателот Уго Чавез Фриас. Ова е момент на длабока болка”, изјави Мадуро.
„Команданте, каде и да сте, ви благодарам, ви благодарам илјада пати од името на овој народ, кого вие го штитевте, кого вие го сакавте, кој никогаш не ве предаде”, рекол Мадуро, пренесе AFP.
Мадуро изрази сочувство до родителите на 58-годишниот Чавез, неговиот брат и неговите ќерки. Како што соопшти заменик-претседателот, тој издал наредби на армијата и полицијата да ги распоредат своите специјални сили во земјата да се заштити мирот и спокојството на граѓаните.
Мадуро ги повика Венецуелците да се соберат кај воената болница во Каракас, каде Чавез беше лекуван последните неколку дена, или да се соберат во нивните градови, за да му оддадат последна почит на „Comandante”. Тој, исто така, апелираше до противниците на Чавез да ја почитуваат болката на народот и ги повика на мир.
Во меѓувреме, челникот на обединетата венецуелска опозиција. Енрике Каприљес на веста за смртта на претседателот Уго Чавез повика на единство во земјaта и изрази сочувство на неговото семејство и неговите приврзаници.
„Во овој тежок момент, мораме да ја покажеме нашата длабока љубов и почитување кон Венецуела”, објави Каприљес на својот профил на Twitter. „Моето сочувство на семејството и на приврзаниците на Уго Чавез. Апелирам на единство меѓу населението”, порача Каприљес.
Командата на армијата на Венецуела во средата по објавувањето на смртта на претседателот Уго Чавез, соопшти дека му ја изразила својата поддршка на потпретседателот Николас Мадуро, пишува Reuters.
Кус историјат на болеста на Чавез
Од средината на 2011 година врз Чавез беа направени четири операции. Во јуни 2011 година, во главниот град на Куба, венецуелскиот претседател беше подвргнат на операција поради внатрешен апсцес. Тогаш му беше отстранет малигниот тумор на цревата, меѓутоа никогаш не беше јасно соопштено од каков вид карцином боледува Чавез.
На крајот од февруари 2012 година Чавез повторно беше опериран. Кон крајот на ноември минатата година, претседателот на Венецуела пак беше хоспитализиран на Куба, каде што беше подложен на физикална терапија и лекување во хипербарична комора за зајакнување на неговата општа здравствена состојба, но истовремено му беше извршена уште една операција.
Од почетокот на декември 2012 година Чавез престојуваше на Куба, каде што тој беше подложен на операција од рак. Тоа беше четврта по ред онколошка хируршка интервенција од средината на 2011 година, кога на венецуелскиот челник му беше дијагностициран малиген тумор во областа на ‘рбетот и стомачната шуплина. Последната операција доведе до компликации, според официјалните податоци на венецуелските власти, кај Чавез била откриена белодробна инфекција, која подоцна доведе до респираторни компликации.
Во средината на февруари годинава, Чавез ненадејно беше префрлен од клиниката во кубанската престолнина Хавана во воената болница во Каракас, каде што продолжи неговиот третман. Официјалните власти тврдеа дека Чавез ја води државата директно од болничката соба.
Култот на Чавез
Чавез беше на власт во Венецуела од февруари 1999 година. Тој освои три последователни претседателски избори, последниот во октомври 2012 година, со мандат да управува со земјата до 2019 година. Тоа беше овозможено откако во 2009 година беше одржан референдум со чии резултати беше укинато ограничувањето коешто не дозволуваше иста личност да извршува изборни функции неколку пати.
Чавез кој преживеа кус обид за воен удар во 2002 година, е издигнат речи на ниво на култ прикажувајќи се како месијанска реинкарнација на Симон Боливар, латиноамериканскиот херој во борбата за независност од шпанскиот колонијализам од XIX век. Ја доби наклонетоста на Венецуелците со бесплатните здравствени клиники, субвенциите во земјоделието, новите универзитети. Последните години ги зголеми пензиите на најстарите пензионери, доделуваше стипендии за сиромашните мајки и изгради десетици илјади домови за социјалните случаи.
Од друга страна, му се забележуваше дека многуте национализации на компаниите го ослабиле приватното претприемништво а дека партиските апаратчици имаат контрола над вработувањето. Слабото спроведување на законите, дисфункционалните судови и лесно достапното оружје ја претворија Венецуела во земја на насилство. Опозицијата го критикуваше дека честите прекини во снабдувањето со електрична енергија потсетуваат дека приходите од нафтата не се стабилни.
Активностите на владата на Чавез во последниве години беа фокусирани на национализација во различните индустрии, вклучувајќи ги и нафтената и златопреработувачката. Многу од поранешните сопственици на компаниите во земјата побараа меѓународна арбитража. Досега Венецуела учествуваше во околу 20 постапки во врска со национализацијата. Најголемите спорови меѓу владата на земјата и компаниите произлегоа во случаите на компаниите „Exxon” и „ConocoPhillips” по проектите за барање и производство на нафта по сливот на реката Ориноко.
Покрај тоа, Чавез се закани и со национализација на приватните банки и претпријатија, доколку се потврдат информациите за нивната поддршка на активностите на опозицијата да ја дестабилизира ситуацијата во земјата, и доколку го одбиваат финансирањето на малите земјоделски стопанства.
Истовремено, властите инјектираа големи финансиски средства во различни социјални проекти, како што се изградби на куќи во рамките на програмата „Големата мисија за домување”.
Експерти: Без Чавез односите меѓу Венецуела и САД може да се подобрат
При евентуално доаѓање на власт на политичките противници на поранешниот претседателот на Венецуела, Хуго Чавез, односите меѓу Каракас и Вашингтон може да се подобрат, веруваат експертите анкетирани од руската агенција РИА Новости. Односите со Русија, според нивното мислење, ќе минат во категоријата на вообичаени за земји многу географски оддалечени една од друга.
„По смртта на Чавез, на Венецуела ѝ претстои многу жестока политичка борба, и нејзиниот исход е непредвидлив, бидејќи, се разбира, владеењето на актуелната политичка гарнитура во голема мера се должи на личноста на Чавез и неговата способност да ги ‘загрее' масите. Веќе на последните избори, на коишто тој победи, имаше сериозен противник од десничарската опозиција, и без Чавез, во крајна линија, на неговата партија ќе биде ѝ многу тешко”, вели главниот и одговорен уредник на магазинот „Русија во глобалната политика”, Фјодор Лукјанов.
Во однос на можните промени во односите меѓу Венецуела со САД, експертот смета дека тоа ќе зависи од тоа кој ќе победи на изборите.
„Се разбира, доколку десничарската партија победи, тогаш односите ќе бидат значително подобрени, бидејќи опозицијата крајно негативно се изразуваше во врска со анти-американското расположение на Чавез. Но, дури и ако владата на соборците на Чавез продолжи без него, односите ќе бидат затоплени, бидејќи тие беа многу врзани со личните односи на Чавез кон Америка.
Односите со Русија, убеден е Лукјанов, доколку победат противниците на Чавез, ќе бидат повеќе неутрални.
„Во крајна линија, посебните односи, кои се развиваа во времето на Чавез, беа директно поврзани лично со него. Па дури и ако неговата партија победи, но без него, мислам дека патосот на братството и пријателството, се разбира, постепено ќе исчезне, и односите ќе минат во нормални односи меѓу двете земји кои се многу далеку една од друга”, заклучува Лукјанов.
Од друга страна, заменик-директорот на Институтот за Латинска Америка, Владимир Сударев, укажува дека сѐ ќе зависи од тоа дали во скоро време ќе се одржат нови претседателски избори.
„Доколку изборите се одржат по еден месец, значи дека приврзаниците на Чавез многу добро се подготвиле за нив и, несомнено, заменик-претседателот Николас Мадуро ќе стане претседател. Тој е дури и повеќе анти-американски, па дури и повеќе про-руски ориентиран, и ќе ја продолжи политиката на Чавез, иако, се разбира, тој ја нема харизмата што ја имаше Чавез”, вели Сударев во анкетата на РИА Новости.
„Доколку, пак, опозицијата може да се обедини, како што се обедини на изборите во октомври, кога за Каприљес гласаа речиси шест милиони Венецуелци, доколку тие можат да ги одложат изборите, тоа ќе ги приближи до власта и, се разбира, тоа ќе претставува суштествен чекор и во надворешната и во внатрешната политика на Венецуела”, вели Сударев, според кого во тој случај сигурно ќе исчезне предиспозицијата за развој на односите со Русија, која беше изразена кај Чавез.
„Јас сум прилично сигурен дека тоа нема да значи дека сите руски компании веднаш ќе бидат набркани или ќе бидат раскинати договорите, бидејќи договорите не беа постигнати лично со Чавез, туку со венецуелската влада, којашто природно ќе размислува за својата меѓународна репутација”, смета Сударев.
На очигледно скорешните претседателски избори, венецуелките гласачите всушност треба да ја одреди насоката по којашто ќе се движи нивната земја во наредниот период. Доколку повторно биде избран некој од следбениците на Чавез, најверојатно кандидат ќе биде поранешниот возач на автобус Мадуро, Венецуела ќе продолжи по патот на остварувањето на „Боливарското движење кон социјализмот”, како што го нарекуваа курсот на починатиот претседател. Ако, пак, победи Каприљес, Венецуела ја очекуваат реформи и либерализација. Каприљес ветува дека ќе се создадат услови за развој на бизнисот и остварување на урамнотежени социјални програми.
Енрике Капиљес, 40-годишниот адвокат и гувернер на сојузната држава Миранда, втората по бројот на население и најбогата федеративна единица на Венецуела, на ланските избори вети дека ќе стави крај на доктрината на Чавез за државна економија и ќе ја замени со прагматичен баланс на социјалната политика и слободниот пазар. Тој е голем поборник на визијата на бразилската пазарно ориентирана левица којашто за десет години 35 милиони луѓе од најдолниот ги претвори во среден слој на општеството. „Секој мора да направи листа од своите проблеми и да се запраша колку од тие проблеми ги решила ‘славната револуција'?”, порача Каприљес на еден од своите последни митинзи на октомвриските претседателски избори.
Макфакс
Претседателот на Венецуела, Уго Чавез, почина од последиците од рак ноќта од вторник кон среда

Пронајдете не на следниве мрежи: