Верувам дека нашиот народ е доволно зрел и мудар, да ја одбере својата судбина

Да се биде Македонец не е само право. Тоа е и обврска. Обврска да се чува наследството за кое нашите предци се избориле со пркос и непокор. Да се чува континуитетот на нашата определба, бидејќи како Македонци ние не можеме да бидеме нешто поразлично од нашите предци, порача претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во своето обраќање по повод Илинден во Крушево.
-Да не им го одземаме на нашите деца, внуци и правнуци она што ни го оставиле нашите татковци, дедовци, прадедовци. На тоа не потсетуваат и нашите манифести како израз на нашата општа волја и нашиот национален консензус, потенцираше Иванов.


-Денес, тој наш консензус е недвосмислен. Македонските граѓани се сплотени околу идејата за членство на Република Македонија во Европската Унија и НАТО. Но, таму сакаме со нашето име, со нашиот идентитет, со нашето достоинство и нашата чест. Затоа, ниту еден политичар нема мандат да тргува со идентитетот на македонскиот народ, истакна македонскиот претседател.
-Како Претседател на Република Македонија, јас сум само гласот на народот. Вашите барања се и мои барања, вашите очекувања се и мои очекувања, вашите одлуки се и мои одлуки. Вие имате легитимно право да се грижите и да ја чувате својата Република. Иднината на вашата, на нашата Република Македонија ја градите со секој ваш став во однос на секое прашање за Републиката, порача Иванов од Крушево.
-Големите потреби раѓаат и големи надежи, а денес, повеќе од кога и да е претходно, судбината на независна Република Македонија е во рацете на самите Македонци и нивната историска обврска, рече Иванов.


-Верувам дека нашиот народ е доволно зрел и мудар да ја одбере својата судбина и да ја одбрани својата Република. Бидејќи народот треба да се грижи за Републиката што ја создал. Ја создал, и истовремено подал рака на соживот кон своите вечни сотатковинци, кои иако зборуваат различни јазици и се именуваат со различни имиња, сепак се синови и ќерки на нашата единствена заедничка независна Република Македонија. Бидејќи македонскиот републиканизам исклучува секаков шовинизам, подвлече македонскиот претседател.
-Како што Илинденците со својата жртва го подготвија патот за партизаните, и како што партизаните со својата жртва го отворија патот за нашата генерација во Република Македонија, така, и нашата жртва е некогаш неопходна за да опстои тој дух на републиката. Историјата ќе суди за тие што го следеле патот, го исполнувале заветот и не се откажувале од светлината на Илинден, светлина која многумина се обидувале да ја попречат за да не стигне до идните поколенија, порача шефот на државата.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.