Веќе утре ќе се знае дали Катица Јанева ќе излезе од „Шутка“?

Дали екс специјалната обвинителка Катица Јанева ќе излезе од Шутка и ќе замине во домашен притвор?
Одговорот на прашањето најверојатно ќе биде познат утре за кога според најавите Вишото јавно обвинителство ќе даде мислење на надополнетата жалба на нејзиниот адвокатски тим кој смета дека со завршената истрага отпаѓа можноста за влијание врз доказите па очекуваат судот да и го укине притворот и да и определи поблага мерка.
-Ја надополнивме жалбата со известувањето за завршена истрага со што сметаме дека отпаѓа точката за влијание врз докзаите па оттаму очекуваме поблага мерка. Понатаму стратегијата за одбрана ќе ја подготвиме во договор со клиентот. А од утре ќе продолжиме да вршиме увид во доказите на Обвинителството меѓу кои се и оние прибавени со ПИ мерки, вели Дељо Кадиев – Адвокат.


Освен исказите на доскорешните колеги на Јанева, обвинителите Лиле Стефанова и Бурим Рустеми се и снимките кои веќе ги виде јавноста. Од ПИ мерки според извори во истрагата се користело следење на Јанева и тоа десетина дена пред да биде уапсена. Неделава увид во доказите најверојатно ќе направи и второ- осомничениот Зоран Милески Кичеец кој веќе е во домашен притвор.
Екс шефицата на СЈО Катица Јанева веќе втор месец е во притвор како трето- осомничена во случајот Рекет за злоупотреба на службената положба. Дека под нејзино покривање се прекршувале безбедносните протоколи во СЈО, Канал 5 дојде до сознанија минатата недела кога извори од институцијата тврдеа дека т.н. бомби се преслушувале и надвор од зградата на ова обвинителство.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.