ВИДЕО | БИРН: Тони опасна прашина се разлева на плац зад „Макстил“

Стотици џамбо вреќи полни со опасна филтерска прашина од челичарницата „Макстил“ се оставени на отворен плац близу фабриката, во кругот на поранешната скопска Железарница. Дел од вреќите што со години стојат таму се отворени, оштетени или скинати, а од некои половина материјал е истурен, објави БИРН.

Фото: БИРН

Станува збор за прашина што содржи тешки метали, поради што е класифицирана како опасен отпад. Се создава при топењето старо железо за производство на челик, а филтерскиот систем служи за да ја собере и да го спречи нејзиното ширење низ воздухот. Ова е наложено во А-интегрираната еколошка дозвола што компанијата ја поседува повеќе од пет години и без која не може да работи.

Постапувањето со овој отпад не соодветствува секогаш со правилата пропишани во А-дозволата, според кои, прашината треба да се чува, или во складиште, или во добро затворени вреќи, и да не останува подолго од 36 месеци, туку да се даде некаде на обработка.

Државниот инспекторат за животна средина, кој е должен да контролира дали се исполнуваат условите од А-дозволата, досега не утврдил проблем.
„Ова е страшно! Сум одел во многу постројки низ светот, но ваков начин на депонирање филтерска прашина досега не сум видел“, вели инженерот Филип Иванов, коментирајќи ги снимките што БИРН ги направи од скинати, оштетени и истурени вреќи.

Како што објави БИРН, сателитските податоци од Гугл покажуваат дека од 2020 до март 2025 година, од кога датира последната снимка, површината постојано се зголемува. На теренот се гледа мало намалување годинава.
Независна компанија најмена од „Макстил“ неодамна ги мерела површините на целиот индустриски отпад од челичарницата, која, освен филтерска прашина, опфаќа и неопасни материјали, како троската и коварината, кои се чуваат на целосно отворен простор. Таа утврдила дека цинковата прашина е распослана на 8.988 квадратни метри.
Професорот по хемија, Трајче Стафилов, кој со децении ги истражуваше загадувањата со тешки метали и ги мапираше еколошките жешки точки во земјава, појаснува дека филтерската прашина е класифицирана како опасен отпад поради големото количество тешки метали. Предупредува дека ако не се чува како што треба, претставува опасност по здравјето на луѓето.
„Може да се разнесува со ветер и да биде опасна, посебно кај оние што подолготрајно се изложени на неа“, вели професорот.

Пронајдете не на следниве мрежи: