(ВИДЕО) Дванаесет лица загинале, а 43 лица се повредени во гранатирање на хипермаркет во Харков

Според украинскиот претседател Володимир Зеленски, во моментот на нападот во маркетот имало повеќе од 200 луѓе

Дванаесет лица загинале, а 43 лица се повредени во гранатирање на хипермаркетот „Епицентар“ за градежни материјали во Харков, информира украинското министерство за внатрешни работи. Според нивните информации, десет тела останале неидентификувани.

Во објава на Телеграма, украинскиот гувернер Олех Синјехубов напиша дека две бомби управувани од Русија ја погодиле зградата, предизвикувајќи пожар од 15 000 квадратни метри.

Фото: Принтскрин

Украинскиот министер за внатрешни работи Ихор Клименко изјавил дека Русија намерно удрила цивилен објект среде викенд.

Според украинскиот претседател Володимир Зеленски, во моментот на нападот во маркетот имало повеќе од 200 луѓе.

Само неколку часа по нападот на маркетот, руските сили извршија втор напад врз центарот на Харков, каде се повредени најмалку 25 лица.

На 10 мај, Русија започна нова офанзива на северот на регионот Харков со 30 000 војници.

Зеленски вели московските сили успеале да напредуваат дури 10 километри во регионот, но биле запрени од првата одбранбена линија.

Според руските медиуми, армијата уништила магацин со оружје во трговски центар во Харков. Руската страна наведува и дека во магацините на маркетот било складирано оружје, што довело до силна експлозија.

Пронајдете не на следниве мрежи: