сабота, 14 ноември 2026
Најново

(Видео) Мицкоски за измените во Законот за јавни набавки: Ќе се спречат намерното уривање и одолговлекување на тендерските постапки

Претпочитан извор Додај го Пулс24 во твоите извори на Google Додај

Премиерот Христијан Мицкоски тврди дека со зголемувањето на прагот за директни јавни набавки од 5.000 на 10.000 евра, односно од 10.000 на 20.000 евра, ќе се спречат намерното уривање и одолговлекување на тендерските постапки. Според него, одредени адвокатски друштва и компании досега ја злоупотребувале можноста за поднесување жалби, заработувајќи од блокирањето на тендерите повеќе отколку што изнесувала вредноста на самите набавки.
„Имаме адвокатски друштва и компании коишто заработуваат на тоа што свесно се договараат и паѓаат јавни набавки. И тоа токму такви јавни набавки за коишто сега прагот од 5.000 е зголемен на 10.000 или од 10.000 на 20.000, за да не се доведеме до ситуација да повеќе плаќаме кон тие коишто свесно ги буткаат јавните набавки или уценуваат, отколку што е големината на самата јавна набавка“, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања.
Како пример ја посочи јавната набавка за сервисирање прозорци во градинка, вредна 50.000 денари, за која, како што рече, досега можело намерно да се урне постапката, по што институцијата би плаќала многу повеќе за спроведување на процедурата отколку што изнесувала самата набавка.
„Е тоа не може веќе да се случи. Или, пак, ако сака, наместо досегашните 100 евра за жалба, ќе си плати многу повеќе, па да го видам тогаш нека обжалува“, порача премиерот.
Тој ги отфрли обвинувањата дека со законските измени се отвора простор за манипулации и договори во четири очи, нагласувајќи дека решението било консултирано со меѓународната заедница.
„Не го правиме ние тоа затоа што сакаме, како што велите, да заобиколуваме закони. Напротив“, рече премиерот.
Мицкоски посочи дека Бирото за јавни набавки и понатаму ќе има контролна улога и ќе дава мислење пред објавувањето на тендерите, со што, според него, нема да се дозволат незаконски или наместени постапки.
Тој потсети и дека најевтината понуда не мора секогаш да биде и најповолна, оценувајќи дека тоа е принцип што се применува и во европското законодавство.
Осврнувајќи се на забелешките од претседателката во врска со ограничувањето на мандатот на членовите на Комисијата за јавни набавки, Мицкоски призна дека станува збор за грешка на Владата. Според него, причината за првичното решение била малиот број квалификувани експерти во земјава во оваа област.
„Тоа е наша грешка. Ние тоа го направивме затоа што, за жал, во државава немаме голем избор на експерти коишто се по јавни набавки. Тоа се пет-шест луѓе. Но, во ред, ако е тоа спорно, еве го тргнавме тој член“, изјави Мицкоски.

Поврзани вести