Владата бара шест години за да ги исправи забелешките на УНЕСКО за Охрид

Владата побарала од УНЕСКО рок од шест години за да постапи по забелешките за заштита на Охридскиот Регион и да го избегне неговото впишување на Листата на светско наследство во опасност.

Во најновата Нацрт-одлука на Комитетот за светско наследство се предлага природното и културното наследство на Охридскиот Регион, кое го делат Северна Македонија и Албанија, да биде ставено на Листата на светско наследство во опасност.

Конечната одлука треба да биде донесена на 22 јули, во рамките на 48. сесија на Комитетот, која од 19 до 29 јули ќе се одржи во Бусан, Јужна Кореја.

Мицкоски: За две години не може да се поправи нешто уништувано со децении

Премиерот Христијан Мицкоски, при посетата на Општина Дебрца, изјави дека Владата презела активности, но дека не може за две години да ги исправи проблемите што се наталожувале со децении.

„Бараме да ни дадат период од шест години за да го исправиме тоа што било констатирано во минатото. И супермени да бевме, за две години не можеме да исправиме нешто што три и пол децении било расипувано“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека претставници на УНЕСКО неодамна ги посетиле општините и разговарале со релевантните институции, вклучително и со него во Владата.

Според премиерот, процесот не зависи само од Северна Македонија, туку и од Албанија, бидејќи Охридското Езеро е заедничко природно наследство.

Одговорноста се префрла, проблемите остануваат

Од Владата и Министерството за култура претходно порачаа дека проблемот со статусот на Охридскиот Регион е наследен од периодот на претходната власт и од негативните извештаи добиени во тие години.

Сепак, локалната власт е надлежна за издавање одобренија за градба и за постапување против дивоградбите.

Во периодот од 2017 до 2021 година со Охрид раководеа градоначалниците Јован Стојановски и Константин Георгиески од СДСМ, додека од 2021 година градоначалник е Кирил Пецаков од ВМРО-ДПМНЕ.

Државниот завод за ревизија претходно утврдил дека во Охрид има 4.847 дивоградби, меѓу кои згради и хотели. Од 456 донесени решенија за уривање, според ревизорскиот извештај, ниту едно не било спроведено.

По сомневањата за корупција наведени во извештајот, Обвинителството влезе во Општина Охрид, додека Пецаков оцени дека утврдените слабости се резултат на долгогодишни практики и наследени состојби.

Минатата година беше добиен уште еден грејс-период

Комитетот за светско наследство и минатата година предложи Охридскиот Регион да биде ставен на Листата на светско наследство во опасност.

Тогаш Владата поднесе амандман за повлекување на предложената одлука, по што Северна Македонија и Албанија добија уште една година грејс-период.

Одлуката беше критикувана од 40 организации од Северна Македонија, Албанија и други европски земји, кои оценија дека Комитетот ги игнорирал препораките на експертите.

Сега, една година подоцна, УНЕСКО повторно предлага Охридскиот Регион да биде впишан на Листата на светско наследство во опасност, додека Владата бара уште шест години за да ги исполни обврските.

Пронајдете не на следниве мрежи: