Владата очекува Унгарија да и го предаде Груевски на Македонија

Покрај протестната нота доставена вчера за улогата на амбасадите на Унгарија во бегството на Груевски од земјата, Владата соопшти дека официјално испратила и барање за екстрадиција проследено со севкупната документација за процесите и пресудата.
„Очекуваме дека властите во Будимпешта безусловно ќе го прифатат барањето за екстрадиција и во согласност со почитувањето на меѓународното право како земја членка на ЕУ и НАТО ќе овозможат враќање на Груевски во Македонија со цел да си ја отслужи казната затвор и да одговара за останатите дела за коишто е обвинет“, велат од Владата по потврдата дека Груевски добил азил во Унгарија.
Владата дообјаснува дека поранешниот премиер е осуден со правосилна пресуда во јавен и транспарентен процес, а истовремено против него се водат уште неколку судски постапки, истраги и уште една предистражна постапка.
„Осудениот Никола Груевски беше под полициска заштита согласно со правата кои му следуваа како поранешен премиер и тој во ниту една ситуација нема пријавено закани по неговиот живот. Против Никола Груевски никогаш не бил воден никаков политички прогон и не се евидентирани никакви закани по неговиот живот, ниту, пак, која било владина институција вршела закани по неговиот живот. Оттука констатираме дека единствена цел на Груевски е избегнување на правдата“, се вели во соопштението на Владата.
Покрај ова од Владата на Р. Македонија додаваат дека Македонија е правна држава во која владеат законите, а секој оној за којшто се докажало дека ги прекршил законите и секој оној за којшто има правосилна пресуда, ќе одговара за своите постапки.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.