Собранието денеска на пленарна седница го усвои Предлогот за одобрување на продолжување на рокот за кризна состојба на територијата на Македонија, поради продолжените ризици од нарушување на снабдување со нафта и нафтени деривати.
Претходно Предлогот доби поддршка од Комисијата за одбрана и безбедност. Кризната состојба се продолжува до 20 јули 2026 година, а ќе почне да се применува од 21. април, откако ќе биде објавена во „Службен весник“.
Пратениците беа информирани дека продолжувањето на кризата е условена од неповолната безбедносна и енергетска состојба по ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток и сериозните нарушувања во транспортот на сурова нафта во Ормутскиот теснец.
Со денешното гласање, Собранието ѝ даде овластување на Владата и на надлежните институции и во наредниот период да продолжат со координирано управување со состојбата и со примена на мерки за обезбедување сигурно снабдување со енергенси.



