Владејачката коалиција предводена од премиерката Такаичи оствари убедлива победа на изборите во Јапонија

Во Јапонија се одржаа вонредни избори за Долниот дом на парламентот, на кои новоизбраната премиерка и лидерка на владејачката Либерално-демократска партија (ЛДП), Санае Такаичи, побара од граѓаните јасен мандат и легитимитет за спроведување на политиките на новата влада.

Такаичи беше избрана за премиерка во октомври минатата година со гласање во парламентот, а денешните избори беа нејзин прв директен тест пред гласачите откако ја презеде функцијата

Според излезните анкети, ЛДП ќе освои апсолутно мнозинство, односно меѓу 274 и 328 пратенички места, а во коалиција со својот партнер – Партијата за обнова на Јапонија – може да достигне и до 350 места во Долниот дом, кој брои вкупно 465 пратеници.

Иако убедливата победа на владејачката коалиција беше очекувана, резултатот е далеку подобар од прогнозите, па дури и од очекувањата на самите стратези на ЛДП, пренесува јавниот сервис NHK.

Гласањето се одвиваше на околу 4.400 избирачки места, но поради обилните снежни врнежи излезноста беше ниска – два часа пред затворањето на гласачките места таа изнесуваше само 26 отсто.

По преземањето на функцијата, Такаичи ја раскина долгогодишната коалиција со центристичката партија Комеито и формираше нов сојуз со десничарската Партија за обнова, со што го запре одливот на гласови кон порадикалните десничарски партии.

Во јануари таа го распушти парламентот и распиша избори, обидувајќи се да ја искористи својата исклучително висока лична популарност од околу 75 отсто, како и растот на поддршката за ЛДП во првите месеци од нејзиното владеење.

Такаичи доби широка поддршка поради остриот став кон притисоците од Пекинг, балансираниот однос со Соединетите Американски Држави и особено поради најавените мерки за ограничување на имиграцијата, вклучувајќи построги визи и покрути услови за добивање статус на постојан престој.

И покрај тоа, експертите укажуваат дека Такаичи сè уште не понудила ефикасно решение за инфлацијата, а во изминатите месеци направила и низа контроверзни економски потези. Меѓу нив е вбризгувањето дополнителни 140 милијарди долари во економијата, што дополнително ја зголеми инфлацијата, го ослабе јенот и ги покачи каматите на државните обврзници.

Нејзините изјави за можноста за укинување на ДДВ на храната, како и оценката дека слабата домашна валута ѝ одговара на државата, предизвикаа турбуленции на финансиските пазари и загриженост за дополнително задолжување на земјата.

Санае Такаичи е првата жена премиер во историјата на Јапонија, што ѝ донесе дополнителна поддршка и симпатии кај гласачите. Нејзиниот десничарски профил, во период на засилена имиграција и економска неизвесност, очигледно одговара на расположението на јапонското гласачко тело, кое повторно се определи за ЛДП – партија што речиси континуирано е на власт од 1955 година.

Пронајдете не на следниве мрежи: