ВМРО-ДПМНЕ реагира на критиките на СДСМ и лидерот на партијата Венко Филипче за развојот на дата-центрите, оценувајќи дека опозицијата повторно се обидува да создаде страв околу инвестиции кои, според владејачката партија, се дел од иднината на светската економија.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека дата-центрите се современа индустрија тесно поврзана со дигитализацијата, вештачката интелигенција и развојот на новите технологии и дека Македонија не смее да остане надвор од овие процеси.
„СДС ја гледаше Македонија низ призма на политики како развојот на индустријата со марихуана, кои отвораа простор за интереси на тесни кругови, додека ВМРО-ДПМНЕ денес отвора можности за инвестиции во технологии и индустрии кои се дел од иднината на светската економија“, наведуваат од партијата.
Од таму ги отфрлаат аргументите на СДСМ за високата потрошувачка на електрична енергија и вода, посочувајќи дека денес постојат различни технолошки решенија за функционирање и ладење на дата-центрите, зависно од нивната големина и намена.
Според ВМРО-ДПМНЕ, Македонија функционира како пазарна економија со јасно утврдени механизми за снабдување и плаќање на електричната енергија, поради што, како што велат, нема простор за создавање паника.
Од партијата потенцираат дека потенцијалните придобивки од ваквите инвестиции се нови работни места, развој на ИТ-секторот, ангажирање домашни компании и можност земјата да стане дел од глобалната дигитална економија.
„Наместо да се создава непотребна паника, потребно е да се гледа што може да добие државата“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од владејачката партија уверуваат дека ниту еден проект нема да биде реализиран на штета на граѓаните, животната средина или природните ресурси и дека сите конкретни инвестиции ќе мора да ги исполнуваат законските и еколошките стандарди.
ВМРО-ДПМНЕ најавува дека ќе продолжи со политика на привлекување нови инвестиции и отворање нови индустрии, со цел Македонија да стане поконкурентна, модерна и технолошки развиена држава.



