ВМРО-ДПМНЕ побара од лидерот на СДСМ, Венко Филипче, јавни одговори за тоа како ја добил таканаречената златна виза во Дубаи и на кое име е регистриран станот, кој, според нив, бил споменат во јавно сведочење поврзано со поранешниот премиер Зоран Заев.
Партијата наведува дека по долг период јавни обвинувања и неколку дена по доказите дека Заев гради зграда од 42 ката во Дубаи, пристигнала индиректна потврда од Филипче.
Како што објавува ВМРО-ДПМНЕ, на новинарско прашање дали гради висока зграда во Дубаи заедно со Заев, Филипче одговорил дека не гради, што, според нив, е потврда дека зградата ја гради Заев.
„Признанието дека Филипче не гради не може да се толкува поинаку освен како прифаќање и потврда на нашите тези и сведоштвото на Тома Аврамски, дека Заев гради зграда од 42 ката во Дубаи“, наведува ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата додава дека ова, според нивно мислење, претставува официјална потврда дека поранешниот премиер го проширил својот бизнис во градежниот сектор и инвестира во високи згради во Дубаи.
Во соопштението, ВМРО-ДПМНЕ му поставува и дополнителни прашања на Филипче, во врска со тоа како ја добил златната виза во Дубаи.
„До денес не се објавени документи во врска со напредни разговори за работен ангажман со болница во Дубаи, иако Филипче тврдеше дека визата ја добил врз основа на тоа“, се вели во соопштението.
Странката прашува и дали станот споменат во сведочењето е во сопственост на Филипче или е префрлен на трето лице.
Во исто време, ВМРО-ДПМНЕ побара од Зоран Заев јавно да одговори на прашања за изворот на средствата со кои, според нивните тврдења, инвестира во изградба на облакодери во Дубаи.
The post ВМРО-ДПМНЕ: Филипче мора да одговори како ја добил златната виза во Дубаи и инвестициите заедно со Заев appeared first on Во Центар.
Пронајдете не на следниве мрежи:



