Во Австрија три лица загинаа од лавини, илјадници отсечени заради наноси од снег

Австриските медиуми јавуваат дека три лица загинале, многумина засега се водат за исчезнати, а илјадници туристи се отсечени од остатокот на земјата заради наноси од снег кои блокираа многу патишта.
Меѓу тројцата загинати чија смрт засега е потврдена се еден скијач од Германија, кого лавина го затрупала кај местото Schoppernau во покраината Vorarlberg, како и уште еден настрадан германски турист кај популарното скијачко место Damüls во близина на Bregenza, кое исто така се наоѓа во Vorarlberg. Третата потврдена жртва е 24-годишна сноубордерка од Швајцарија, која пропаднала во процеп длабок 20 метри вон пистата и починала.
Како причина за несреќите се наведува обилниот снег кој паѓал во саботата вечерта, кој на веќе постоечката снежна покривка натрупал уште 40 до 60 сантиметри нови наноси, а на планините и цел метар. Надлежните служби утрото во недела прогласиле голема опасност од лавини, подигајќи го степеност за опасност на 4, што претставува втор најголем степен за опасност.
Во многу делови на Австрија снегот непрекинато паѓа и денес, во некои покраини се измерени нови 30 сантиметри, што се повеќе ги отежнува напорите на спасувачите. Имајќи во предвид дека новиот снег се уште не е стабилизиран и замрзнат и понатака се заканува опасност од нови лавини, предупредуваат стручњаците, а пренесуваат австриските медиуми.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.