Сосема поинаква верзија на животните случувања кои доведоа до трагичната смрт на Ивана Јовановска и на нејзината ќерка Катја, кажа обвинетиот сопруг и татко, Стојанче Јовановски, во своја одбрана. Во судницата, пред судијата Ивица Стефановски, рече дека бил изманипулиран од сопругата, која го изневерувала со сведокот Мартин Саздов, и оти бил жртва на „местенка“ од нивна страна за поседување дрога. Секогаш кога во зборувањето ќе ја спомнеше шестгодишната Катја, која, по сè она што го слушнавме во судницата, е најголемата жртва на случувањата, плачеше и се фаќаше за главата. Од она што го кажа во своја одбрана, може да се заклучи дека Јовановски, индиректно, за самоубиството на жената и за смртта на детето, го обвини сведокот Саздов. Неговите удари пред трагичниот чин ги нарече „замавнувања“ кон Ивана, а за семејното насилство кое траело со години и за кое во судницата се пуштаа снимки, не кажа ни збор.
На почетокот од брачниот живот, односите им биле нормални. За учество при купување на станот, пари им дала неговата мајка, Цветанка Јовановска. Во 2022 година, се посомневал во верноста на сопругата. Тоа е првата пријава до полицијата за семејно насилство од мајката на Ивана, Љубица Стојановска.
„Ме молеше да не се разделуваме заради детето и ја послушав“, рече обвинетиот.
Потоа ја раскажа својата верзија на настанот, кога ја оставил со детето на автопатот Штип – Скопје. Вели дека причината биле пораките од сведокот Саздов што ѝ ги праќал ноќта, на враќање од свадба. Стојанче тврди дека сама ја отворила совозачката врата и затоа застанал со автомобилот. Го зела детето, кое спиело на задното седиште, и тргнала во спротивна насока од патот.
„Ја молев да го врати детето, не сакаше. Ми рече, ќе се вратам со друг. Стигнав до првата патарина и се вратив назад, но не ги најдов. Не се јавуваше цела ноќ, дури следниот ден попладнето ми кажа дека ги зел роднина“, кажа обвинетиот.
По тој настан, Ивана со детето се преселила кај мајка си. Рече дека ја следел сега починатата Ивана додека била со Саздов. За случајот во населбата Ќерамидница, сè што кажа Мартин во сведочењето го отфрли и тврди дека тој бил жртва на закани.
„Ми рече да одиме во Триангла да се пресметаме, дојде со другар. Од автомобилот извади автоматска пушка и ми се закани оти ќе ме убие. Му ја фатив цевката, а тој ме удри со неа, еве уште имам белег“, рече Стојанче, притоа ја тргна блузата од рамото и му покажа на судијата. Тогаш чуварот од блискиот објект викнал полиција и во обид да го сопре да бега, го забил својот во автомобилот на Саздов.
Потоа Ивана поднела документи за развод, на што тој се согласил и да плаќа алиментација за детето. По извесно време, се премислила и сакала да се врати дома.
Обвинетиот Стојанче Јовановски тврди дека ги чува сите пораки од Мартин испратени до Ивана, во кои сведокот ѝ се заканува со објава на приватни видеа од нив двајцата.
„Ѝ пишуваше дека ќе се самоубие, дека има слики од нив, јас ѝ реков дека ќе се најде решение за тоа. Еднаш се обиде да ја киднапира Катја од училиште, ни се јави учителката дека дошол некој по неа да ја земе, кога отидовме го начекавме пред училиштето, му се заканив со полиција, кажа обвинетиот. Во својата одбрана, тврди дека Саздов под закана ја присилил Ивана да му стави следач во автомобилот и да му го даде резервниот клуч, по што му подметнал кесе дрога во задниот дел. Полицијата го фатила по работната смена во пожарната во Ѓорче Петров.
На прашање од неговиот адвокат да каже за расправијата, на 2 март, пред работното место на жртвата, обвинетиот кажа дека таму ги затекнал заедно, Мартин и Ивана, по што се изнервирал и замавнал кон жената. Саздов го повикал да се возат заедно „да ми каже некои работи“, но во БМВ-то влегла и Ивана. Спротивно на обвинението, Стојанче тврди дека во автомобилот ја удирал Мартин, по што еднаш се онесвестила. „Јас ѝ викав Ивана, Ивана, Мартин ѝ го зеде телефонот и таа се освести“, кажа во своја одбрана обвинетиот. За случувањата кај судот, за што Обвинителството пушти снимки на кои се гледа како ја удира, Стојанче вели дека Ивана ја викнала полицијата од страв од Мартин.
Катја ја зеле од училиште на инстистирање на Мартин, тврди Стојанче.
„Мартин ѝ кажа, види какво детенце имаш, нели ти е жал да го изгубиш, јас да сум на твое место подобро би се убил отколку ова да го правам”, Стојанче ги пренесе наводните зборови. Потоа рече дека Ивана инсистирала сама да се качи со детето во станот, но се качиле сите заедно. „Ми се вратија мислите за тоа што ми ја подметнаа дрогата, Мартин негираше и ме влечеше со сила да излезам од станот. Се спротивставував, а Катја се вознемири, па решив да излезам. Слеговме долу пред зградата, јас и Мартин. Ивана ми ѕвонела, не ѝ се јавив, па му ѕвонела на Мартин и му кажала да се јавам со вклучена камера. Се јавив, беше со Катја во рацете, беше облечена во лилаво џемперче и викнав. Тргнав кон влезот по што слушнав силен тресок, со плачење зборуваше обвинетиот. „Мартин почна да вика Ивана падна, се вознемирив, излегов на булеварот и се фрлив пред еден автомобил барајќи помош. Ме смируваа полицајците, ми викаа дека се добри“, заврши обвинетиот, по што судијата даде пауза.
„Обвинетиот прави обид да ја избегне кривичната одговорност што му се става на товар наспроти сите материјални и вербални докази што ги изведе Обвинителството. Психолошкиот наод и мислење во однос на психолошките карактеристики на Стојанче утврдува дека тој има изразена манипулативност, тенденција кон искривување на вистината во насока на себезаштита, како и префрлање на каква било одговорност на други лица и минимизирање на сопственото однесување и личната одговорност. Ова не е моја субјективна процена, изјави обвинителката Бојчевиќ по судењето.
Таа предложи и дополнително сведочење на двајца лекари од судска медицина кои во судницата кажаа дека обвинетиот во урината имал присуство на кокаин и на дијазепам. При анализа на крвта кај покојната Ивана не биле констатирани никакви наоди на присуство на алкохол, лекови или психоактивни супстанции. Жената имала понови и постари модрини на лицето. Завршните зборови се закажани на 28 април, по што ќе следува пресуда за случајот што и натаму ја згрозува јавноста. Обвинителката претходно кажа дека смртта на детето ќе ја објасни во завршниот збор преку психолошкото вештачење на починатата мајка. Стојанче е обвинет за три кривични дела и нему му се заканува затворска казна до 11 години.



