Лекарски тим од детската болница „Бамбино Гезу“ во Рим успешно изврши сложена хируршка интервенција, отстранувајќи тумор тежок 800 грама од телото на предвреме родено бебе, веднаш по неговото раѓање во 30-тата недела од бременоста.
Станува збор за редок тумор познат како сакрокоцигеален тератом, кој се развива во долниот дел на ‘рбетниот столб, во пределот на опашната коска (кокцигеумот). Иако најчесто е бениген, овој израсток може да предизвика сериозни компликации поради својата големина и брзиот раст.
Според италијанската агенција АНСА, поради потенцијалната опасност за животот на фетусот, лекарите одлучиле да интервенираат веднаш со две прецизни и ризични хируршки процедури. Интервенцијата поминала успешно, а здравствената состојба на новороденчето е стабилна.



