Во Њујорк продолжуваат разговорите за името

Во зградата на ОН во Њујорк денеска треба да продолжат разговорите за надминување на спорот за името на министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, со личниот пратеник на Генералниот секретар на Обединетите нации, медијаторот Метју Нимиц.
Средбата треба да започне во 09:30 часот по њујоршко време или 15.30 часот по македонско време, а по завршување на денешната рунда се очекува некој или сите учесници во процесот да дадат изјави за тоа дали е направен некаков исчекор во преговорите.
Во пресрет на новата рунда разговори за името, која започна вчера во 16:30 часот по македонско време, Димитров и Коѕијас одржаа посебни средби со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш на кои се разговарало за последните случувања од разговорите за надминување на разликата околу името што се одвиваат под покровителство на Светската организација.
– Со визија и лидерство на двете страни имаме историска шанса да затвориме еден повеќедецениски, историски спор, порача Димитров по средбата со Гутереш.
Грчкиот министер за надворешни работи Коѕијас, пак, по средбата со генералниот секретар на ОН, спроти денешната нова рунда разговори со неговиот македонски колега и медијаторот Нимиц, изјави дека другата страна треба да покаже прагматизам и реализам за да најде решение.
Прашан дали од Нимиц очекува да достави синтетичен предлог од сето она што го доставиле двете страни, Коѕијас вели дека Грција го сторила тоа, но останува отворено прашањето со името.
– Од Нимиц ја очекуваме неговата мудрост за време на преговорите, вели шефот на грчката дипломатија и објаснува дека преговорите се поделени на два дела, оние меѓу министрите за надворешни работи кои разговараат за централните политички прашања и меѓу техничките групи.
Средбата во Њујорк следи по минатонеделните разговори на премиерите на двете земји Зоран Заев и Алексис Ципрас на маргините на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија на кои опцијата „Република Илинденска Македонија“ беше издвоена како најприфатлива. Македонската страна пред средбата во Њујорк изјави дека останува на ставот дека тоа е добар предлог за конечно решение, додека грчката го отфрли предлогот и нагласи дека преговараат врз основа на четирите имиња од пакетот – предлози од Нимиц.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.