„Вреди“ објави дека добила еден пратеник повеќе за сметка на „Европскиот фронт“ по прегласувањето во „шестката“

На денешното прегласување на избирачко место во Општина Желино, кое е во рамки на изборната единица 6, како што рече претставникот на „Вреди“, Башким Хасани, коалицијата „Вреди“ добила близу 500 гласа, а за „Европскиот фронт“ гласале 48 избирачи

Коалицијата „Вреди“ доби еден пратеник повеќе за сметка на пратеник на „Европскиот фронт“ со прегласувањето во шестата изборна единица, изјави вечерва на прес-конференција Башким Хасани, претставник на „Вреди“.

Башким Хасани, претставник на коалицијата „Вреди“

На денешното прегласување на избирачко место во Општина Желино, кое е во рамки на изборната единица 6, како што рече Хасани, коалицијата „Вреди“ добила близу 500 гласа, а за „Европскиот фронт“ гласале 48 избирачи.

„Кога се гласа без притисоци, без кражби и без многу манипулации резултатот е тој што го иамеме денеска или во случајов, коалицијата ‘Вреди’ го добива 14. пратеник. Им благодариме на сите што излегоа, што гласаа и што го обезбедија 14. пратеник. Коалицијата ‘Вреди’ има близу 500 гласа, а коалицијата ‘Европски феронт’ 48 гласа“

изјави вечерва Башким Хасани, претставник на коалицијата „Вреди“.

Според податоците на Државната изборна комисија (ДИК) за излезеноста на седумте избирачки места на кои денеска има прегласување за парламентарните избори, на избирачкото место во Општина Желино, едиствено на кое се прегласува во шестата изборна единица, до 18:30 часот гласале вкупно 546 избирачи.

ДИК засега ги нема објавено првичните резултати од гласањето на седумте избирачки места на кои денеска има повторено гласање за изборите за пратеници.

Во меѓувреме, претставници на коалицијата „Вреди“ на социјалните мрежи објавуваат дека освоиле уште еден пратеник. Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, кој беше претседателски кандидат на коалицијата „Вреди“ на претседателските избори, вечерва објави фејсбук-статус во кој единствено го пишува бројот 14.

Инаку, по парламентарните избори на 8 мај, коалицијата „Вреди“ освои 13 пратеника, а коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ доби 19 пратенички мандати.

Пронајдете не на следниве мрежи: