Вредни парчиња накит од Клаудија Кардинале на аукција

Накитот на легендарната италијанска актерка Клаудија Кардинале ќе биде продаден на аукцијата на престижната куќа Кристи од 19 до 26 јуни, објави нејзината ќерка Клаудија Сквитиери.

„Овие скапоцености припаѓаат на историјата на високата уметност за накит, историјата на златното доба на италијанското кино, римското „Слатко животно“ и врвот на кариерата на мојата мајка“, изјави Клаудија Сквитиери за АНСА.

Ова се исклучително вредни парчиња, претежно од познатите брендови Булгари и Бучелати.

Познатите обетки во облик на цвет од маргаритки, со сафири и дијаманти што ќе бидат понудени на аукција, Кардинале ги носела како млада жена на конференција за филмот „Леопард“ со Алан Делон и Берт Ланкастер во 1963 година.

На аукцијата ќе бидат вклучени предмети како што се обетките со дијамант во форма на солза што ги носеше на доделувањето на Оскарите, како и три прстени „Булгари“ со 30-каратни смарагди, рубини и сафири, кои ги носеше на премиерата на „Пиштолџиите“.

„Прстените со скапоцени камења ги одбравме јас и мојот брат Патрик Кристалди. Тоа е само дел од колекцијата на мајка ми. Ги одбравме затоа што припаѓаат на посебен период, моментот на нејзиниот подем, тие претставуваат круна на нејзината кариера. Тие беа избрани како парчиња висока уметност за накит што би можеле да добијат нов живот. Кога бев мала, си играв со тие скапоцени камења, преправајќи се дека сум принцеза“, рече Сквитиери.

Според проценките на „Кристи“, прстен од смарагд вреди до 80.000 евра, рубин до 100.000 евра, додека прстен од сафир може да достигне вредност и до 80.000 евра.

„Нашата идеја беше да ги продадеме за да можат да уживаат колекционерите на накит од Булгари, а заедно тие претставуваат круна на кариерата на мајка ми“, додава ќерката.

Дел од приходите од продажбата ќе бидат наменети за Фондацијата „Клаудија Кардинале“, последниот проект на актерката што го создаде заедно со нејзината ќерка и ќе биде наменет за финансирање на млади уметници во аудиовизуелната индустрија.

Актерката го добила поголемиот дел од накитот од нејзиниот продуцент и партнер во тоа време, Франко Кристалди, како знак на признание за нејзината работа и талент.
The post Вредни парчиња накит од Клаудија Кардинале на аукција appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: