Време е за испорачување економски резултати

На денешната прес-конференција во Владата премиерот Зоран Заев заедно со министерот за финансии Драган Тевдовски ги презентираа проекциите на Буџетот за 2019 година. Како што се изјасни премиерот фискалната политика на Владата за 2019 година е во функција на обезбедување економски раст, социјална сигурност и забрзано евроатланстко интегрирање. Дизајниран е да ја одржи макроекономската стабилност и да овозможи фискална консолидација.
-Пред нас е економска година во која парите на народот уште повеќе ќе одат во проекти за поддршка на граѓаните од сите категории, особено најранливите. Промовиравме ново, праведно оданочување, реформа на пензискиот систем и зголемување на социјалната благостојба. Со буџетските промени за 2019 најавуваме пресвртница во економските политики. Силниот фокус на евроатлантските интеграции го зајакнуваме со Буџет за растечка економија, за социјална праведност, за поквалитетни здравствени услуги и за подобро живеење на сите, истакна Заев.
Премиерот уште еднаш најави дека ќе продолжи растот на платите и на вработувањата во приватниот сектор.
– Просечната нето плата ќе продолжи да расте и се очекува да изнесува 4,5 проценти на номинална основа, проекцијата за раст на бројот на вработените е 2,1 процент што ќе придонесе просечната стапка на невработеност да се намали на околу 20 отсто, нагласи Заев.
Министерот Тевдовски дополни дека се планирани капитални проекти во патната, железничката и енергетската инфраструктура, како и вложувања во земјолеството. Тој очекува економскиот раст да се придвижи заради зголемената лична потрошувачка.

 

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.