Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека е реално обврската за служење воен рок да се обнови до 1 март следната година и оцени дека после тоа „земјата ќе биде многу посилна“.
Вучиќ рече дека воената служба ќе трае 75 дена и дека тоа е „детска игра“ во споредба со претходно 365 дена.
„Сепак, овие млади мажи ќе стекнат нови навики, поголема одговорност и сериозност, ќе стекнат некои животни навики и ќе научат што е држава. И државата ќе биде многу посилна“, рече Вучиќ.
Претседателот на Србија додаде дека особено ќе се поттикне изградбата на касарни во пограничните области на земјата.
„Од Сомбор до Пирот, од Прибој до Заечар и во Кладово… Бидејќи со ова ги зајакнуваме и овие локални самоуправи. Армијата ќе ги има своите плати, ќе троши пари во градот, нивните семејства ќе доаѓаат и некој ќе мора да ги храни. Тие градови на тој начин, де факто, ќе добијат нова фабрика“, оцени тој.
Одговарајќи на критиките дека Србија ќе изгради фабрика за производство на воени дронови заедно со Израел, Вучиќ рече дека не разбира дали е критикуван или фален, бидејќи е горд на ова достигнување и бидејќи тоа ќе обезбеди Србија да ги има „најдобрите дронови во овој дел од светот“.
The post Вучиќ најави враќање на воената служба од 1 март следната година: „Касарните ќе бидат како нови фабрики“ appeared first on Во Центар.



