Српскиот претседател Александар Вучиќ денес изјави дека му честитал на кандидатот на СНСД Синиша Каран за победата на повторените претседателски избори во Република Српска и рече дека очекува неговата прва официјална посета да биде во Белград.
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа што може да се очекува од понатамошниот развој на соработката меѓу Република Српска и Србија по победата на Каран, Вучиќ рече дека верува оти добрите односи ќе продолжат внимателно да се градат.
„Вчера му честитав за победата на претседателските избори, го повикав и по телефон. Очекувам неговата прва посета на било кого или било каде да биде посета на Белград и Србија. Секогаш имаме најблиски односи, сакаме добри односи, почитувајќи го Дејтонскиот мировен договор и верувам дека ќе продолжиме внимателно да ги градиме овие односи и да се грижиме за интересите на Србија и Република Српска“, рече Вучиќ, одговарајќи на прашања од новинарите откако владиката Бихаќско-Петровички Сергиј му го врачи Орденот на новомачениците од Бихаќско-Петровица.



