Гавраните имаат свест како луѓето, тврдат научниците

Научниците за прв пат открија докази за гаврани кои имаат субјективно искуство, вид на свест што претходно го виделе само кај луѓето и другите примати.
Група истражувачи од Универзитетот во Тибинген во Германија ја измерија мозочната активност на гаврани кои вршеле визуелни задачи, со цел да докажат дека овие птици се способни свесно да ги согледаат сетилните впечатоци.
Откритието изненадува, бидејќи ова претходно беше докажано само кај луѓето и другите примати кои имаат сосема поинаква структура на мозокот од птиците.
„Резултатите од нашата студија отвораат нова перспектива за еволуцијата на перцептивната свест и нејзините невробиолошки гранични услови“, рече професорот Андреас Нидер од Универзитетот во Тибинген, пренесува Independent.


Истражувачкиот тим обучил два гаврана со клунот да стискаат копче со одредена боја ако видат како се појавува визуелен стимул на екранот. Иако повеќето од овие дразби беа јасни, некои беа намерно толку „заматени“ што гавраните не можеа секогаш да ги детектираат, што даваше различни резултати од една до друга птица.

Истражувачите забележале активност на одделните нервни клетки во мозокот додека гавраните ја извршувале задачата и откриле дека можат да предвидат какво субјективно искуство имале, врз основа на активноста на нервните клетки.
„Нашите резултати покажуваат дека нервните клетки на повисоките нивоа на обработка во мозокот на гавранот се под влијание на субјективно искуство, или поточно – гавраните имаат субјективни искуства“, рече Нидер, додавајќи дека ова може да значи дека свеста е многу пораспространета во животинското царство отколку што се мислеше досега.
„Последните заеднички предци на луѓето и гавраните живееле пред 320 милиони години. Перцептивната свест може да настанала уште тогаш, а оттогаш само да се наследува“, објаснува Нидер.
Друго можно објаснување е дека перцептивната свест кај птиците и приматите можно е да се развивала независно едни од други.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.