Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на годишниот Национален молитвен појадок во Вашингтон, традиционален настан на кој претседателот на САД ги собира политичките, верските и бизнис-претставниците.
„На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, додека учеството на претседателот на Собранието во овој момент беше можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка“, се вели во соопштението од Собранието.
Гаши на „Фејсбук“ објави и фотографија од него заедно со други учесници на настанот, меѓу кои и поранешниот црногорски премиер Дритан Абазовиќ, како и уште една, значително зумирана, од Трамп како држи говор.
Доналд Трамп држи говор на Молитвениот појадок / Фото: Африм Гаши / Фејсбук
Трамп, кому една од главните точки на кампањата му беше тоа дека „не започнал ниту една војна“, а спречил неколку, во говорот ја фалеше моќта на американската војска во неговиот втор мандат и ја спомена интервенцијата во Венецуела и апсењето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро, како и нападите врз нуклеарните постројки на Иран.
„Пред две години, никој не сакаше да оди во војска. Ви се смееја и ви велеа дека не ја почитуваат нашата земја. Не го почитуваа нашиот претседател. Не го сфаќаа сериозно. Не ја сфаќаа нашата земја сериозно“, рече Трамп.



