„За Северна Македонија, Европската Унија не е само политички и економски блок, туку вредносна определба – демократија, владеење на правото, човекови права и солидарност“, порача претседателот на Собранието Африм Гаши на средбата со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Како што информира собраниската прес-служба, Гаши ја оцени посетата на фон дер Лајен како силна потврда за европската ориентација на државата, нагласувајќи дека граѓаните останале посветени на членството во ЕУ дури и во најтешките моменти. Според него, слоганот „Обединети во различностите“ најдобро ја отсликува мултикултурната реалност на Северна Македонија.
Во разговорот, претседателот на Собранието изрази благодарност за Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, оценувајќи го како значаен чекор кон економски и социјален напредок и поголема интеграција на регионот во европското семејство.


