Герапетритис го потсети Муцунски за уставното име дека и тоа е услов за евроиднината

  Длабоко верувам во потенцијалот на нашите односи. Во силата на дипломатија заснована на почит. И во нашата заедничка способност да изградиме иднина што ќе биде функционална. Не само денес, туку и за генерациите што доаѓаат, истакна министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски по средбата со неговиот грчки колега Јоргос Герапетритис и порача дека „меѓусебното почитување е основата врз која се гради трајна соработка“, јави дописничката на МИА од Атина.
Шефовите на двете дипломатија над два часа разговараа на средбата и работниот ручек во Министерството за надворешни работи на Грција за време на првата посета на министерот Муцунски на Атина, средба за која рече дека била конструктивна, а во фокусот на разговорите се најдоа билатералните односи, соработката во повеќе области, ЕУ перспективата на земјава и регионот.

И Муцунски и Герапетритис во изјавите за медиумите по средбата порачаа дека двете земји имаат силна соработка во повеќе области и изразија подготвеност дополнително да се продлабочи.
Двајцата министри, како што рече Муцунски, ја нагласиле важноста на Меѓународното јавно право и обврските што двете страни ги презедоа, бидејќи „меѓусебното почитување е основата врз која се гради трајна соработка“.

На помошта и солидарноста на Грција за нашата земја се осврна и шефот на грчката дипломатија кој рече дека „обединети од географијата, нашите земји стојат рамо до рамо, подготвени да си помогнат и се поддржат една со друга во моменти на потреба“, истакнувајќи дека „чиновите на солидарност ја зајакнуваат довербата и ги приближуваат нашите народи“.
– Грција и Северна Македонија воспоставија силна соработка во различни области, вклучувајќи ја економијата, трговијата, инвестициите и проекти за меѓусебно поврзување преку транспортни и енергетски мрежи. Се согласивме да ја продлабочиме нашата заемно корисна билатерална соработка во овие сектори, вклучително и преку Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан. Преку својата клучна енергетска инфраструктура, Грција може да дејствува како енергетски центар во Југоисточна Европа и значајно да придонесе за енергетската диверзификација и отпорност на Европа. Стратешките проекти во енергетскиот сектор, како што е гасниот интерконектор Грција – Северна Македонија, имаат суштинска улога во остварувањето на оваа цел, рече Герапетритис.
Потсети на поддршката на Грција за нашето членство во НАТО во 2020 година и изрази желба за унапредување на соработката во рамките на Алијансата. Тој се осврна и на Солунската агенда од 2003 година за забрзување на интеграцијата на Западен Балкан во Европската Унија, при тоа уште еднаш изразувајќи ја грчката поддршка за ЕУ перспективата на нашата земја и на регионот.
– Сакам повторно да ја истакнам поддршката на Грција за напредокот на Северна Македонија по европскиот пат, врз основа на утврдените услови и начелото на сопствени заслуги, со особено внимание на основните критериуми. Во овој контекст, дозволете ми да ја подвлечам крајната важност од целосна, доследна и со добра волја имплементација на Договорот од Преспа, вклучително и ерга омнес употребата на уставното име на државата, рече Герапетритис.
Дополнително рече дека во конкретните околности на нестабилност, вооружени конфликти и внатрешни превирања, „од клучна важност е придржувањето кон меѓународното право“.

За денешната работна посета во Атина, а пред средбата со Герапетритис министерот Муцунски на Инстаграм, објави фотографија од грчката метропола и напиша дека заедно со директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски, ќе се сретнат со раководството на грчката компанија „Ронтис“, која веќе успешно инвестира и работи на нашиот пазар.
Муцунски се осврна и на претстојните, како што напиша, значајни активности.
– Учество на министерски состанок во Истанбул, каде што на покана на турскиот министер за надворешни работи, Хакан Фидан, ќе се сретнеме со колегите од целиот регион. А неделата е резервирана за Илинденската коњаница во славното и патриотско Горно Лисиче, напиша Муцунски.

Пронајдете не на следниве мрежи: