„Ги спакувавте ли патлиџаните за на одмор?“ – а вие, да си ја гледате својата работа, може ли?

Дојде време уплав да те фати од прашањето „Каде годинава на одмор?“
Сведоци сме на линч кон луѓето кои одморите решиле да ги поминат поскромно, надвор од сезоната, во соседните држави…
Пред неколку недели на моја пријателка ѝ беше упатено ова прашање со десетици потпрашања – А каде ќе спиете, а колку кревети има, а клима има ли, а што ќе јадете? Нејзиниот одговор дека дел од храната си ја носат од дома беше дочекан со осуда и потсмев… Ех, тоа одмор ли е?
Од кога сите станавте толку многу паметни и експерти на темата летен годишен одмор? Претпоставувам од моментот кога на сите ни дозволија по неколку кредитни картички и 5 плати во минус, па сега може да се правиме важни, господа од големото добро утро и да си ги премеруваме силите.


Што е тажно и смешно истовремено. Ако годишниот одмор и кој колку потрошил за време на истиот ви е арена за натпреварување, честитки, вие сте најголемите губитници кои немаат живот.
Не можам да ја сфатам поентата да се смееш некому затоа што решил да спакува малку храна од дома и да си отиде 7 или 10 дена на одмор, во сезона или надвор од сезона, во Грција, Бугарија, Црна Гора или каде и да било. Можеби парите му се малку и броени. Можеби не сака да троши безумни суми на одмор од една недела.
Како и да е, безобразно и невоспитано е да се зборува на оваа тема. Затоа што не е ничија работа. Вие ли одите на тој одмор па им солите памет на другите како да го поминат истиот? Вие им го плаќате одморот?
Незапрашани имате милион сугестии во врска со тоа што е подобро, па како било срамота да се мачка леб и паштета, да се вари кафе во собата и да си го однесеш истото на плажа, да се носи чадор и сламена подлога за лежење, бидејќи господата стриктно газот на лежалка го сместувале…
Најтрагично е што ваквите маанџии кои се дрзнуваат да ги осудуваат другите најчесто немаат „вода во очите“ и кога ќе се вратат од нивниот скап и господски одмор истиот ќе го измизеруваат останатите 11 и пол месеци од годината, ама се неизбежна запршка во сечија летна манџа.
Ич не е срамота да си спакуваш патлиџани од дома и да одиш на одмор ако тоа ти се сака и ако така ти одговара. Живееме во несигурно, сиромашно време и генерално сме слепци и голтари. Самиот факт што сме тргнале некаде на одмор со овие мизерни плати е за аплауз.
Зошто да не си одмориш неколку дена некаде со фрижидерче полно храна која не мора да ја преплаќаш 8 пати поскапо на друго место? На крајот на краиштата некои луѓе уживаат во ваков одмор. Сакаат да си мезат, сакаат да си готват, за нив тоа е уживање.
За други уживање е камп, за трети шатор, за четврти хотел со 5 ѕвезди со сите салтанати. И тоа е сосема во ред. Секој со својот избор. Ама да се смееш на туѓиот избор особено кога истиот вклучува помалку пари е бесмислено.
Конечно, гледајте си во својот буџет и во сопствениот одмор. Од грижата за тоа како изгледа одморот на другите, не можете да уживате во сопствениот.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.