Германското Министерство за финансии размислува за укинување на даночните категории III и V, кои со децении ги користат брачните парови и регистрираните партнери, а оваа мерка би можела значително да го промени начинот на кој се пресметуваат платите за милиони вработени.
Како што дознава весникот „Ханделсблат“, а потврдуваат и извори од студиото на берлинското „АРД“, целта на реформата е да се намали бирократијата, да се олесни товарот врз даночните служби и да се направи оданочувањето пофер.
Планот е промените да се спроведат преку „Законот за поедноставување на даноците“ од 2027 година, за кој федералната влада веќе преговара со федералните држави.
Според најавите од Министерството за финансии, сегашниот систем би бил заменет со таканаречената „автоматизирана факторска постапка“. Во пракса, ова значи дека даночниот товар на брачните парови автоматски би се прилагодувал на реалниот сооднос на нивните приходи во текот на целата година, што би ја елиминирало потребата многу од нив да поднесуваат задолжителна даночна пријава на крајот од годината.
Министерството наведува дека постојната комбинација од класи III и V многу ретко ги одразува реалните коефициенти на приходи меѓу партнерите, што во моментов создава разлика што мора да се израмни со годишна даночна пријава.
Моментално, паровите можат да изберат дали и двајцата ќе бидат во даночната категорија IV или лицето со повисока плата ќе ја земе категоријата III (која носи значително помали месечни одбитоци), додека партнерот со пониска плата ја зема категоријата V (со повисок месечен даночен товар).
Иако вкупниот износ на данок на доход што го плаќа домаќинството годишно би останал непроменет, новата прераспределба би донела видливи промени во месечните плати.
Во класа V, нивните приходи досега беа изложени на високи даночни одбитоци, што честопати ги обесхрабруваше да бараат работа со полно работно време.
Моментално, околу 12 милиони брачни парови и партнери во Германија мора да поднесат даночна пријава секоја година токму поради употребата на комбинација од III и V. Автоматизацијата би го елиминирала овој процес за мнозинството.
И покрај најавите за поедноставување на системот, спроведувањето на планот нема да биде лесно. Оваа реформа не е дел од коалицискиот договор, а сличен предлог од 2024 година наиде на жесток отпор од конзервативниот блок ЦДУ/ЦСУ.
Баварскиот министер за финансии Алберт Фиракер (CSU) остро се спротивстави на предлогот, велејќи дека Баварија се залага за зачувување на постојните класи.
„Јасно „не“ на идеолошки водениот патернализам над брачните парови“, изјави Фиракер за Ханделсблат.






