Груевски: Први април 2000 година, денот кога воопшто не ми беше до шега

ПРВИ АПРИЛ 2000 ГОДИНА ДЕН КОГА ВООПШТО НЕ МИ БЕШЕ ДО ШЕГА

Ден кога се воведе ДДВ

Први април е ден на шегата, но паметам дека први април 2000 година, ден кога го воведовме данокот на додадена вредност (ДДВ) воопшто не ми беше до шега.

Законот за ДДВ беше донесен најмалку три години претходно и беше изработен од некои консултанти согласно најдобрите практики во Европа, но секоја година министрите ја одложувале примената на законот, на начин што датумот, односно годината кога влегува во сила новиот закон со новиот данок се менувала.

Всушност носењето закон за ДДВ не беше некоја тешка работа во ситуација кога речиси цела Европа веќе со години и децении го имаат тој закон и добро функционира. Но, сите кажуваа дека при неговото воведување многу држави кои не се подготвиле добро, имале горчливи искуства.

За да се напише самиот закон,беше доволно да се земе германскиот или некој друг таков закон, да се преведе и малку адаптира, и толку.

Но, за да се приемни, за да се подготви системот за негова примена, требаше многу обемни подготовки од луѓе кои добро го разбираат данокот, но и даночниот систем на земјата. Беше потребен голем напор, ангажман на добар тим експерти и многу работа.

Кога на 30 декември 1999 година, како доскорешен министер за трговија околу една година, најмлад миснитер дотогаш во македонската историја кој станал министер на возраст од 28 години, прв пат влегов во Министерството за финасии никој не помислуваше дека на први април 2000 година ќе се воведе Законот за ДДВ.

Веќе во првите денови на јануари по автоматизам ми беше доставена на потпис предлог измената на Законот за одлагање за една година, како што се правело дотогаш, за да се прати на усвојување во парламентот.

Но, јас немав намера мојот мандат да го започнам со одлагање на реформите. Јас не мислев дека треба да министерувам без многу работа, резултати и ризици.

Одбив да го потпишам Законот за пролонгирање на примената и им кажав на службите веднаш да се подготват за воведување.

Еден по еден сите одговорни дојдоа да ми кажат дека тоа е невозможно и дека ќе ја воведовме земјата во хаос. Дека примената на Законот бара многу долги и опсежни подготовки, бара и големи набавки на информатичко технолошки системи за кои нема време, бара повеќе подзаконски акти, правилници, уредби и слично, обемна обука на вработените во управата за јавни приходи (УЈП), голем број обуки на одговорните во сите компании во земјата, вработените кај нив, подготовка на јавноста итн.

Им одговорив дека ќе работиме деноноќно, но одлагање нема да има.

Сите станаа вознемирени.

Потоа дојдоа едни Германци – консултанти за Законот ангажирани од ГТЗ кои веќе неколку години користеле канцеларија во министерството. ГТЗ е развојна агенција на германската влада, која има подржани повеќе проекти во Македонија и ни помагаше за тој закон. Возрасни луѓе, во поодминати години, со бели коси, со многу големо искуство во примена на таков закон во други земји седнаа наспроти млад 29 годишен амбициозен министер со неколкудневно искуство во Министерството.

Учтиво ми кажаа дека не се против зафатот кој го планирам, ми раскажаа што работел во меѓувееме, но дека треба да знам дека тоа што го планирам во така краток рок е многу сложен и ризичен зафат, затоа што моите претходници не биле фокусирани на оваа реформа и не подготвиле речиси ништо освен Законот донесен пред неколку години.

Проценив дека на нив како консултанти им е во корист проектот да трае што подолго, бидејќи така имаат долготрајно обезбедена добро платена консултантска работа.

И ним им кажав дека јас сум дојден да правам реформи, а не да ги одлагам и дека сум подготвен да го превземам ризикот.

Наскоро со тимот направив детален план со сите датуми за јавни набавки на комјутерите, софтвери и се што требаше. За секој детал, за секој потребен чекор, направив план по денови, не само по месеци.

Имавме само 75 дена. Тоа што не се завршило и не се поместило повеќе од три години, требаше да се заврши во 75 дена. Речиси да немаше кому не му личеше сето ова за mission impossible (невозможна мисија).

Почнаа да кружат муабети кај повозрасните во Министерството дека “детето не знае што прави и ќе изгори, ама да не изгориме и ние со него”.

Брзо направив комитет за спроведување на ДДВ каде ги поканив сите што можат да помогнат. Професори, вработени во Министерството, вработени одговорни во УЈП, преставници на НБРМ, консултанти, потсекретари и сл.

Во тоа време дојде т.н. мисија од ММФ и тие покажаа сериозна загриженост за моите амбициозни планови. Им кажав дека тоа ќе се случи и им побарав итно да ми пратат на околу два месеци искусен консултант, бидејќи ми треба уште еден наспроти постојните од ГТЗ.

За недела или две пристигна еден англичанец со краток мандат, со кого имав долга средба, и на крајот заклучивме дека можно е да се заврши работата во утврдениот рок, но дека ќе треба многу работа и чекори без право на грешка.

Тој се вклучи во работата на тимот и многу ни помогна. Беше вистинско освежување и прв искусен што на сите песимисти околу мене им кажа “министерот знае што прави и се ќе биде во ред ако многу се работи”. Тоа ми даде дополнително “гориво”, не само мене, туку и на многу во тимот.

Но, паралелно се сензибилизираше јавноста и медиумите. Во тоа време се појави една професорка на економскиот факултет со име ако добро паметам Наталија Николовска, која пишуваше во весникот Дневник многу критички но и многу читани колумни и важеше за голем експерт и авторитет. Таа иако беше специјалист за друга област а не за даноци и даночни системи предвидуваше апокалиптично сценарио на 1 ви април 2000 година, а нагласувам дека беше многу читана , влијателна и со голем авторитет во јавноста уште пред да дојдеме на власт кога ја критикуваше власта на СДСМ, што и даваше уште поголема тежина.

Наскоро веќе во февруари 2000 година, темата стана многу дискутирана, а во март 2000 г. беше најдискутирана тема во јавноста и набрзина се изродија и појавија и други “експерти” кои предвидуваа крах од невидени размери, распад на системот и хаос на 1 април 2000 година, доколку примената на законот не се одложи.

Атмосферата стана многу тензична.

Уште некаде во јануари или февруари пристигна во земјата претседателот на ММФ кој подоцна стана и претседател на Германија.

Го пречекав на аеродормот и директно заедно во возилото заминавме на ручек кај Премиерот Георгиевски.

За време на ручекот, тој во мое присуство му рече на Премиерот: “да не бидам сватен погрешно, немам ништо против министерот, тој сигурно има свои квалитети, но премиере, морам да ви кажам дека сте превземале голем ризик со тоа што сте поставиле толку млад министер за финансии”.

Георгиевски шеговито му одговори: “морав да поставам некој помлад од мене, за да не бидам најмлад во владата” алудирајќи на неговата возраст која исто така гледано во светски рамки беше невообичаена за премиер.

Иако во тоа време имав голема доверба кај Премиерот, сепак тој ги следеше медиумите и постепено загриженоста не можеше да не се пренесува и да не се зголемува.

Во меѓувреме имаше неколку јавни дебати организирани од противниците на реформата или барем противници од толку брзо и нагло воведување на реформата кое никој не го очекуваше верувајќи дека треба многу подолго време за подготовка, на кои јас лично се појавив и мошне успешно ги аргументирав моите планови и чекори, но тоа не ја намали тензијата.

Стравот најмногу беше кај оние кои и не разбираа што работам. Или користеа политички моментум да внесат паника кај народот со цел да ја девалвираат владата,

Некаде кон средината на март 2000г., кога воведувањето на ДДВ и “хаосот кој следува” беше топ тема во јавноста и медиумите, на седницата на владата министри од коалициониот партнер ДА го поставија прашањето “каде одиме?”. Целата јавност е вознемирена дека ни следува финасиски крах и катастрофа. Дали министерот знае што прави не согласувајќи се со одлагање на примената на Законот. “Дајте да го одложиме Законот па кога ќе е се спремно да се воведи тој ДДВ”.

Дали целата влада нема да настрада ако тој направи грешка за работа која не ја ни разбираме ние останатите? Успеав некако да ги пребродам тие ситуации, и сам незнам како.

Во меѓуврме турбо работев на подготовките заедно со целиот тим кој самиот го формирав. Но, не работев само на тоа. Паралелно го подготвивме и поминавме на парламентот Законот за денационализација исто така политички многу чувствителен закон.

Истовремено го подготвивме и Законот за враќање на старите заробени девизи, кој чекал цели 10 години и веќе штедачите организираа сериозни штрајкови и протести. И уште неколку важни реформи успешно направени во рекордно без рок.

Постарите вработени во Министерството за финасии ми велеа дека таква работна атмосфера во Министерството немаа видени никогаш, иако некои од нив беа таму неколку децении.

Ретко кој од одговрните си одеше дома пред 20 часот секој ден, и ретко кој не работеше и во викендите.

Луѓе кои ме посетуваа во Министерството навечер во 21:00 или 22:00 часот поминувајќи низ хорниците на Министерството беа зачудени и не можеа да поверуваат на глетката од она што го гледаат: преполно со вработени кои работат како да е 9 часот наутро. Се чудеа!

Јас до максимум ги искористив најдобрите од оние кои ги наследив, но донесов и многу нови, млади а способни луѓе кои внесоа нов дух и енергија.

Но, светлото во мојата канцеларија секој ден, без исклучок се гасеше последно во целата зграда на министерството и тоа од чуварите сите го знаеја, што им даваше дополнителен мотив на сите во тимот.

Често заминувајки си далеку после полноќ ги гасев сијалиците во други канцеларии кои од премор вработените заборавиле да ги изгаснат заминувајќи си.

Никој не се чувствуваше експлоатиран. Сите работеа со голем ентузијазам.

Можното одложување на примената на Законот макар и за еден месец веќе сите го чувствувавме како личен пораз. Јавноста, опозицијата, експертите и медиумите толку не притиснаа дека ја водиме земјата во хаос, и тоа ни даде таква дополнителна енергија да го докажеме спротивното, што тоа не може да се опише со зборови.

На неколку дена пред 1 април ми се јави Премиерот од кого до тогаш имав полна подршка. Звучеше како од кај него само што не излегол некој кој му ја наполнил главата дека ќе се случи катастрофа. Беше мирен, но се чувствуваше вознемиреност во гласот. Прв пат ме праша: “Никола, дали си сигурен што правиш? Дали си сигурен дека сѐ ќе биде во ред?”

Не беше тоа обично прашање.

Се чувстуваше голема загриженост, што беше разбирливо следејќи ги вестите и весниците кои веќе одбројуваа часови до “големата катастрофа”.

Без да губам секунда му вратив одлучно: “ДА!”.

“Но, дали знаеш што ќе следува ако сепак се случи проблем?” ме праша. Тој.

Веднаш одговорив: “да, секако, ќе поднесам неотповиклива оставка и ќе ја превземам целата одговорност”.

Настана краток молк од неколку, можеби десетина секунди и слушав само тешко и загрижено дишење од другата страна. Потоа ми рече, “ајде ќе се слушнеме утре пак”.

Последната недела имав кратки состаноци со тимот секој ден. 1 април беше во ден сабота.

Во петокот веќе сите извештаи од сите одговорни беа дека се е подготвено, освен неколку работи кои не мораа да се подготвени во првите денови туку после во рок од две недели и беше сигурно дека и тие ќе се готови пред рокот.

Беше завршена обемна работа. Извршивме обука на илјадници луѓе во земјата на специјално организирани обуки на различни локации низ земјата, но и посебни на голем број бизнис и даночни консултанти, како и посебни за одговорни лица на најголем дел на компаниите.

Со денови објавуваме на платен простор во весниците по една страна различен матерјал со наслов: “одговори на најчесто поставувани прашања за воведувањето на ДДВ”

Набавивме целосно нова информатичка опрема, хардвер но и нов софтвер и на време сето тоа се заврши, инсталира и се тестира.

Ги донесовме сите можни подзаконски акти, уредби, правилници и слично. Сменивме многу други закони за да се прилагодат на воведувањето на ДДВ.

УЈП беа целосно обучени и подготвени. Софтверите веќе функционираа. Личеше дека се е на своето место освен адреналинот, кој беше на највисоко! И кај мене и кај другите од тимот.

Во саботата на први април 2000 година , или најдоцна во понеделникот на 3 април, многумина кои ништо не разбираа од ДДВ ја очекуваа мојата, а некои и на владата пропаст.

УЈП работеше во саботата. Вознемиреноста и таму постоеше бидејќи вестите почнуваа со приказните за престоечката карастеофа.

Но, ништо лошо не се случи тој ден. Се беше нормално.

“Во ред”, рекоа лутите противници, “сабота не работата фирмите, катастрофата доаѓа во понеделник”. Тензијата продолжи.

Но, и во понеделник се беше во ред. Се функционираше беспрекорно.

Конечно почна да ми паѓа товарот од грб. И мене, а сигурно и ан сите други, вклучувајќи го и премиерот.

Следуваше ново изненадување. На 15 во месецот веќе во буџетот влегоа многу пари, неочекувано многу. Системот беспрекорно функционираше и многу пари што одеа во сивата економија, влегоа во регуларниот финасиски систем и фирмите плаќаа данок на додадена вредност.

Го известив Премиерот и нормално тој беше многу среќен и задоволен.

Во мај веќе приходите во буџетот почнаа загрижувачки да растат. Почна на салдото на буџетот остануваат толку многу пари од платените даноци, пари кои порано се краделе, не се плаќал данок. Тоа стана нов предизвик. Почнав секоја вечер да ги анализирам табелите со салдата кои се трупаат во буџетот во милијарди денари. Најпрвин се радував и бев горд. Но, почнав да станувам загрижен, плашејќи се дека демобилизираме премногу пари од економијата.

Што да се направи молневиот брзо за да почнат да се враќаат парите во системот?

Буџетот на државата пред моето доаѓање не бил конструиран дека ќе дојдат толку многу пари. А искрено и никој, па ни јас не очекувавме до толку голем успех во сузбивање на сивата економија.

Опозицијата, медиумите, критичарите и дежурните “експерти” си најдоа нова тема за плашење на народот.

Мораше да се направи итен ребаланс и парите да се стават во функција на економскиот развој, што набрзо и се направи.

Македонија таа година имаше најголем раст на економијата од независноста.

Подоцна тој рекорд се сруши кога станав премиер и кога го воведовме рамниот данок, паралелно со големото намалување на даноците во 2007 година, операција која беше од уште поголем ризик од оваа со ДДВто и во која преставниците на ММФ отворено и директно ми рекоа дека ризикувам да го банкротирам буџетот. Наспроти тие предупредувања, таа година имавме околу 20 проценти повисоки приходи во буџетот во ситуација на сериозно намалени даноци, пари кои претходно заради високите даноци се затајувале (не од ДДВ, туку од персоналниот и данокот на добивка). Таа 2007 година имавме и најголем раст на економијата на сите времиња кој до денес не е достигнат. Но, за тоа во друга прилика.

Да се вратам на 1 април 2000 година…

Да, тоа утро, колку и да бев сигурен во себе и во она што го правам, сепак тоа не ми беше ден за шега.

Фејсбук статус на поранешниот премиер Никола Груевски

Пронајдете не на следниве мрежи: