Владата најавува ново намалување на цените на горивата од следната недела, стабилни резерви и продолжување на мерката со 10% ДДВ.
Цените на горивата во земјава би можеле дополнително да се намалат веќе од следната недела, најави премиерот Христијан Мицкоски, повикувајќи се на актуелните движења на светските берзи.
Според него, состојбата со нафтените деривати е стабилна и непроменета, а државата располага со исти резерви како и на почетокот на кризата. Тој нагласи дека не е потрошен ниту еден литар од стратешките резерви, додека потрошувачката останува на исто ниво.
„Имаме денови кога се испорачуваат над два милиони литри дизел и бензин – не само за домашниот пазар, туку и за соседните земји. Цените се најниски во регионот, а стабилноста е на највисоко ниво досега“, изјави Мицкоски.
Како дополнителна мерка за заштита на стандардот на граѓаните, Владата планира да го продолжи намаленото ниво на данокот на додадена вредност (ДДВ) за горивата. Наместо редовните 18%, ДДВ ќе остане на 10%, одлука што треба да биде потврдена на посебна владина седница.
Премиерот потенцира дека ценовната политика ќе зависи од движењата на глобалните пазари, каде што цената на нафтата „брент“ и американската ВТИ моментално се движат околу 90 долари за барел. Во такви услови, според него, реално е да се очекува дополнително намалување на цените.
Дополнително, Владата веќе ја продолжила кризната состојба поврзана со енергетскиот сектор, со цел навремено да реагира на евентуални пазарни шокови.
Во однос на соработката со ОКТА, Мицкоски информира дека договорените попусти за горивата важат до крајот на април, а се водат разговори за нивно продолжување, особено за дизелот кој сочинува најголем дел од потрошувачката.
„Ќе се обидеме да обезбедиме дополнителен попуст, барем уште еден денар по литар“, рече премиерот.
Со ваквите мерки, Владата се обидува да го ублажи ударот од глобалната енергетска криза и да ја одржи ценовната стабилност на домашниот пазар, барем на краток рок.



