Дали можете да јадете путер ако имате висок холестерол?

Путерот често е на листата на храна поврзана со висок холестерол, па затоа многу луѓе со лоши крвни тестови избегнуваат дури и мали количини. Но, дали треба целосно да се исклучи од исхраната? Според кардиолозите, одговорот не е толку едноставен – путерот не е забранета храна, но важно е колку јадеме и со што го комбинираме.

Путер и холестерол – колку е тоа навистина проблематично?

Храна како путер, јајца и школки содржи холестерол, но истражувањата покажуваат дека холестеролот во исхраната нема значително влијание врз нивото на холестерол во крвта кај повеќето луѓе. Поголем проблем е прекумерниот внес на заситени масти, кои се изобилни во путерот, бидејќи можат да го зголемат LDL холестеролот, познат како „лош“ холестерол.

Сепак, тоа не значи дека мора целосно да го исклучите путерот од вашата исхрана.

,,Путерот треба да се смета за храна која е најдобро да се јаде умерено, додека поголем акцент се става на консумирање незаситени масти од храна како овошје, јаткасти плодови и семиња“, вели д-р Дариуш Мозафаријан, професор на Универзитетот Тафтс и директор на Институтот „Храната е медицина“ во Тафтс.

„Незаситените масти можат да имаат корисен ефект врз нивото на холестерол во крвта и се поврзани со помал ризик од срцеви заболувања“, додаде тој.

Диететските упатства генерално препорачуваат ограничување на заситените масти на помалку од 10 проценти од вкупните дневни калории. Некои здравствени организации препорачуваат уште построги ограничувања, особено за луѓе кои се обидуваат да го намалат LDL холестеролот. За диета од 2.000 калории, тоа значи околу 13 грама заситени масти дневно. Една лажица путер содржи повеќе од 7 грама заситени масти.

„Најважно за луѓето со висок холестерол е да се фокусираат на нивната целокупна исхрана“, рече Мозафаријан.

.Тој препорачува исхрана богата со минимално преработено овошје, зеленчук, мешунки, јаткасти плодови, семки, интегрални житарки, риба, растителни масла и јогурт. Во исто време, треба да го ограничите внесувањето на шеќерни пијалоци, слатки, рафинирани житарки и преработено месо.

Други навики, исто така, придонесуваат за здравјето на срцето, како што се редовното вежбање, квалитетниот сон, избегнувањето пушење и намалувањето на долгорочниот стрес.

Како да јадете путер ако имате висок холестерол?

Ако имате висок холестерол, не мора нужно целосно да го исфрлите путерот, но важно е да го јадете умерено. Еден начин да го направите ова е да го комбинирате со храна богата со растителни влакна, како што се зеленчукот и интегралните житарки. Влакната можат да помогнат во намалувањето на холестеролот со намалување на неговата апсорпција во дигестивниот систем.

На пример, мала количина путер може да се додаде во печен зеленчук или во јадење кое веќе содржи доволно растителни влакна. Друга добра опција е да се комбинира путерот со масла богати со незаситени масти, како што е маслиновото масло. На овој начин, можете да ја намалите количината на заситени масти во оброкот, а воедно да го задржите богатиот вкус.

Путерот може да се меша и со зачини, лук или билки. На овој начин, помала количина може да додаде повеќе вкус на јадењето.
The post Дали можете да јадете путер ако имате висок холестерол? appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: