Две иницијативи за анкетна комисија за Кочани

Две иницијативи во Собранието за формирање на Анкетна комисија за пожарот во Кочани. Опозициските СДСМ и Левица веќе ја поднесоа иницијатива, а денеска ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ поднесоа друга инцијатива.
Иницијативата на СДСМ и Левица поднесена минатиот вторник, на 18 ноември, е вратена на доработка бидејќи, како што појасни претседателот на Собранието, не е во согласност со Деловникот односно бараат мнозинство во Комисијата.
Тие барале покрај претседател, да имаат и по четворица пратеници, ВМРО-ДПМНЕ тројца, Вреди двајца, а ЗНАМ еден член.
Нова иницијатива е доставена денеска од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ. Таа се однесува не само на пожарот во Кочани, туку и на пожарот во модуларната болница во Тетово, сообраќајната несреќа на „Дурмо турс“ во Ласкарци и сообраќајната несреќа на „Беса Транс“ во Бугарија.
На иницијативата се потпишани 77 пратеници, а според Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ, тоа е доказ дека не сакаат да ги политизираат овие трагични настани, туку дека сакаат да помогнат засегантите да добијат правда.
Оваа анкетна комисија би ја сочинувале 15 членови од кои седум членови би имала ВМРО-ДПМНЕ, по двајца од СДСМ, Европски фронт и Вреди и по еден од ЗНАМ и од Левица, а со неа би претседавал пратеник од опозициските партии. Инаку, утре продолжува судењето за пожарот во дискотеката Пулс во Кочани каде загинаа 63 лица, а околу 200 беа повредени.

Пронајдете не на следниве мрежи: