Денес ќе биде познато дали ќе заседава Комисијата за финансирање и буџет

Дали ќе се одржи седницата на собраниската Комисија за финансирање и буџет, на која е заглавена расправата за новиот заем од 260 милиони евра, ќе биде познато денеска.
Владејачкото мнозинство вчера побара од претседателот на Собранието и од претседателката на Комисијата Сања Лукаревска итно да ја закаже седницата за заемот. Доколку Лукаревска не ја закаже сендицата, тогаш најверојатно ќе биде искористена можноста претседателот на Собранието да ја закаже седницата, а со неа да претседава Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ.
Од опозициската СДСМ остануваат на ставот дека нема да дозволат нови задолжувања на државата.
– Вкупниот државен долг веќе достигна 11 милијарди евра, а сега сакаат нови кредити за нови тендери плус уште 260 милиони евра кои ќе ги враќаат нашите деца. Овие пари не се за развој на државата – тие се за нови тендери на организираната криминална група. Не даваме нови задолжувања! Нема да ни ги претворите децата и внуците во должнички робови, велат од СДСМ.
Реагираа и од Левица посочувајќи дека не се работи за евтин кредит, туку за скапо комерцијално задолжување со огромни ризици и трошоци.
– Додека министерката за финансии зборува за „доверба на меѓународните пазари“, граѓаните треба да знаат дека ова не е евтин кредит, туку скапо комерцијално задолжување со огромни ризици и вкупни трошоци од над 25,6 проценти!Македонија денес зема 260 милиони евра, а ќе враќа над 326 милиони евра. Само за камати и провизии граѓаните ќе платат над 66 милиони евра повеќе. Тоа е цената на неспособноста на оваа власт, велат од Левица.
Заемот завчера беше ставен на дневен ред на Комисијата за финансирање и буџет. Седницата помина во паузи и политички препукувања меѓу власта и опозицијата.

The post Денес ќе биде познато дали ќе заседава Комисијата за финансирање и буџет appeared first on Provereno.

Пронајдете не на следниве мрежи: