Тензиите и препукувањата меѓу поранешни високи функционери на опозициската СДСМ и актуелното раководство стануваат се поизразени. По вчерашното телевизиско гостување на поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов кој јавно побара оставка од актуелното раководство и реакцијата која следуваше од СДСМ во која беше споменат и Деспотовски, денеска со остар коментар се јави самиот Деспотовски, кој побара јавно извинување од партијата, а во спротивно најави тужба.
Во објава на Фејсбук, Деспотовски вели дека актуелното раководство на СДСМ е единствено одговорно за незадоволството меѓу членовите на партијата.
– Ниту сметам, а најмалку чувствувам лична одговорност за тоа што поранешни, а и сегашни функциониери на партијата веќе јавно коментираат за состојбите во СДСМ и за политиките и одлуките на сегашниот партиски врв. Никој друг освен сегашното раководство нема одговорност за исклучувањето на партијата од клучните процеси во државата. Од неучеството на средба на лидерите на најголемите партии, што е само дистанцирање од сопствената земја и граѓани. Од инаетењето со клучни законски проекти од значење за безбедноста на граѓаните. Ова што се случува одамна ја помина секоја границата на внатрепартиска дебата, пишува Деспотовски.
Отворањето на внатрешни битки и поделби, вели Деспотовски, е политика на сегашното раководство на партијата, кое го применува како метод за опстојување и преживување.
– Доколку веднаш не следи јавно извинување и повлекување на сите лажни и навредливи наводи во серијата соопштенија, ќе бидам принуден да преземам правни чекори за клевета и лична, а потоа и за континуирано нарушување на угледот на СДСМ. Никој нема право со валкани игри да руши нешто што е создавано со жртва, верба и идеали, стои во објавата на Деспотовски.


