Децата од Домот „11 Октомври“ згрижени во мали групни домови и згрижувачки семејства

Во Домот за деца без родители „11 Октомври“ во Скопје нема ниту едно дете. Веќе неколку дена сите се сместени во четири мали групни домови и згрижувачки семејства. Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и претставникот на УНИЦЕФ во Македонија, Бенџамин Перкс денес ги посетија децата кои се сместени во една од куќите во Скопје.
– Како што ветивме, до почетокот на второто училишно полугодие го трансформиравме и домот „11 Октомври“. При тоа водевме сметка децата да останат во близина на училиштето коешто го посетуваат и да не ги разделуваме децата коишто се братчиња и сестрички. Процесот на деинституционализација тече подобро од очекуваното, досега бројот на деца сместени во институции се намали за 60 отсто. Нашите заложби како Влада се до 2020 година да нема повеќе деца под 18 години во големите институции. Секое дете заслужува да расте со семејство, да чуствува вистинска грижа и топлина. Продолжуваме да работиме на отворање на мали групни домови, каде децата имаат услови за живот како во вистински семеен дом. Ги охрабрувам и сите оние кои се заинтересирани да станат згрижувачи да го направат овој чекор и да го отворат својот дом и срце за нов член на семејството, изјави министерката Царовска.
Овој процес Министерството го спроведува во партнерство со УНИЦЕФ, УНДП и Делегацијата на ЕУ во Македонија.
– Многу земји од ЕУ, преку систематски реформи и кампањи за промена на ставовите, прераснаа во места каде што сместувањето на деца во институции веќе не се прифаќа. Со затворањето на претпоследната институција за деца во земјата се доближуваме до остварување на таа иста цел. За жал секогаш ќе постојат деца без родителска грижа. За да им се обезбеди на тие деца поддршка во семејно опкружување ни требаат мали групни домови, како овој, и голема мрежа згрижувачки семејства кои се подготвени да ги отворат своите срца и домови за децата кои може да имаат потреба од грижа во иднина, дополни претставникот на УНИЦЕФ, Бенџамин Перкс.

 

 

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.