„Државната помош мора да биде јасно насочена, економски оправдана и во функција на конкурентноста и одржливиот раст“, изјави министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, на регионалната панел-дискусија на тема: „Зајакнување на управувањето со државната помош во Западен Балкан: транспарентност, ефикасност и хармонизација со ЕУ“ во организација на „Фајнанс тинк“.
Во својот говор, министерката нагласи дека секој денар од Буџетот мора да има економска оправданост и јасна развојна цел, додавајќи дека фискалната политика се темели на фискална консолидација и забрзан економски раст – меѓусебно поврзани цели.„Фискалната дисциплина значи намалување на непродуктивните трошења и распределба на средствата таму каде што ќе создадат поголема додадена вредност. Во овој контекст, државната помош е инструмент кој мора внимателно да се дизајнира, таргетира и континуирано да се оценува“, нагласи министерката.Таа нагласи дека државната помош не треба да биде товар за јавните финансии, туку треба да биде инвестиција во конкурентноста и одржливиот раст. Според податоците од Комисијата за заштита на конкуренцијата, државната помош во 2023 година изнесувала 206 милиони евра или околу 1,5% од БДП, додека во 2024 година изнесувала 235,2 милиони евра или 1,52% од БДП, што ја нагласува потребата од високо ниво на отчетност и транспарентност.Министерката нагласи дека економските индикатори ги потврдуваат позитивните ефекти од поддршката на инвестициите. Пет последователни квартали, економијата бележи раст од околу 3%, при што растот во третиот квартал од 2025 година достигна 3,8%, додека бруто инвестициите се зголемија за 30,6%, главно како резултат на зголемената активност на приватниот сектор.
Во исто време, Владата обезбеди 250 милиони евра концесиски средства за поддршка на инвестициски проекти на компании, како и уште 250 милиони евра за капитални проекти во општините, со цел промовирање на економските активности и порамномерен регионален развој.Нагласувајќи дека транспарентноста е важен аспект, министерката додаде дека Владата работи на воспоставување систем што централно ќе ги евидентира сите расходи распределени како државна помош. Таа објасни дека во моментов податоците за државната помош се поделени меѓу многу институции и дека не постои единствен централизиран систем што би овозможил подобра анализа, подобра координација меѓу институциите и поефикасно планирање на ресурсите.
The post Димитриеска-Кочоска: Транспарентната и целна државна помош е клучот за конкурентна економија appeared first on Во Центар.



