Директорот на „Македонска пошта“ Орхан Куртеши изјави дека го решиле проблемот со фиктивните вработувања, така што избркале дел од тие што не доаѓале на работа, а земале плата.
Тој појасни дека кога дошол на функцијата го увидел овој проблем и го решил така што избркал дел од вработените кои не доаѓале, а дел почнале да доаѓаат сами на работа.
– Кога дојдовме на функцијата, ја скениравме ситуацијата и имаше такви луѓе. Од преземените мерки некои почнаа да доаѓаат на работа, а некои ги избркавме, така што во Пошта полека го чистиме тој дел. Нема да биде практика на оваа Влада луѓе што не доаѓаат на работа да земаат плата – рече Куртеши на презентацијата на новите возила кои „Пошта“ ги доби за поголема ефикасност и навремена достава на пратките.
„Македонска пошта“ доби 100 нови возила како дел од мерките за модернизација и подобрување на услугите, со цел да се зголеми ефикасноста на доставата и да се зајакне капацитетот на државната компанија. Со новите возила сега ќе може да се очекува навремена достава на пратките.



