Директорот на затворот Скопје: Ниту МВР, ниту АНБ се немаат обратено до нашата институција

Директорот на затворот Скопје, Бобан Утковски вечерва во изјава за телевизија Сител вели дека ниту МВР, ниту АНБ не дошле во затворот за да направат проценка на безбедноста.
– Ниту еден претставник од страна на МВР и АНБ се немаат ниту писмено, ниту усно обратено до мене или до институцијата со која јас раководам за да побара мислење за безбедноста во периметарот што ние го обезбедуваме. Така што, во тој контекст, јас тука би застанал. Нека се произнесат самите служби АНБ и МВР дали проценката што ја дале кореспондира со реалноста, вели Утковски.

Денеска Обвинителството преку соопштение се дообјаснуваше зошто изречената мерка притвор за Артан Груби е преиначена во мерка куќен притвор. Повикувајќи се на проценките на МВР и АНБ, образложението на Обвинителството е дека постоеле сериозни индиции дека е загрозена безбедноста на Груби во затворот.
– Во однос на реакциите на јавноста во врска определената мерка за обезбедување – куќен притвор за еден од осомничените во предметот „Државна лотарија“, обвинителството нагласува дека, согласно Законот за кривична постапка, мерката куќен притвор, особено кога се реализира со 24-часовен надзор, е исто така притворска мерка, која не се издржува во затворски услови само затоа што постојат специфични услови за тоа. Таквите услови во конкретниот случај беа исполнети, бидејќи по проценка на надлежните органи – МВР и АНБ постојат сериозни информации дека во притворското одделение не може да се гарантира личната безбедност на овој осомничен. Деталите во однос на ваквите загрозувања беа презентирани пред судијата на претходна постапка, информираа од Обвинителството.

Пронајдете не на следниве мрежи: