ДКСК утврди регулаторни ризици во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) направи анализа на потенцијалните регулаторни ризици вклучени во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. ДКСК предложи ревизија на одредбите кои се однесуваат на објавувањето на комплетни документации врзани за јавните набавки, утврдени со Законот за јавни набавки и нагласи потреба од понатамошно дефинирање на процесите поврзани со завршување на мандатите на директорите во Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер и нивните заменици. Софија Спасова, член на ДКСК, во своето излагање на последната седница, зборуваше за потребата од дефинирање на одговорностите и казнените мерки кај раководните и службените лица во Агенцијата. Таа потенцира дека изразот „целокупна документација“ не е строго дефиниран, што може да доведе до случајно објавување на конфиденцијални информации или прекршување на правата на поединци.
Во однос на правилата за престанување на функцијата на директорите, не е поставен конкретен временски лимит ниту јасна процедура, што остава простор за потенцијално одлагање и неодлучност при управувањето со институциите. Исто така, ДКСК утврди дека казните за прекршоци се непропорционални: доколку раководно лице не назначи службено лице задолжено за информации, предвидена е казна од 500 евра, додека службените лица за разни прекршоци можат да бидат казнети со сума до 250 евра.
Спасова се осврна и на обврските на институциите што држат информации, каде што исто така се забележани регулаторни ризици поврзани со ажурирањето и објавувањето на информациите. Според тековните правила, имателите на информации се должни да ги објавуваат и ажурираат податоците, но не се поставени јасни упатства за објавување, што може да води кон изборно прикривање на информации од јавен интерес.
Предлог-законот за измена на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер беше објавен во ЕНЕР, без да се побара антикорупциска проверка, според изјавата на Спасова. Таа најави дека, доколку предлог-измените бидат прифатени, ќе бидат дополнително анализирани и разгледани.

Пронајдете не на следниве мрежи: