Доколку Алијанса за Албанците настапи самостојно на изборите, само ќе ѝ направи услуга на ДУИ

Тој додаде дека нивната „црвена линија“ за евентуална идна владина коалиција е задржувањето на европскиот пат

Нашите анализи велат дека, доколку Алијанса за Албанците настапи самостојно на изборите, само ќе ѝ направи услуга на ДУИ, изјави вечерва во дебатниот магазин „Клик плус“ на ТВ 21 разрешениот министер за информатичко општество Азир Алиу, одговарајќи на рашањето каде се разидоа Арбен Таравари и Зијадин Села.

„Во коалиција со опозицијата, ДУИ ќе заврши конечно во опозиција“,

рече Азири.

Тој додаде дека нивната „црвена линија“ за евентуална идна владина коалиција е задржувањето на европскиот пат.

„Нема да коалицираме со партија која нема да се обврзе да го задржи европскиот пат, што значи и уставни промени“,

нагласи Алиу.

Неговиот сопартиец, разрешениот министер за здравство Фатмир Меџити, говорејќи за причините за разрешувањето, истакна дека добива многу пораки од граѓаните во однос на сработеното.

„Се обидовме да дадеме се од себе овие 11 месеци. Можеме ли подобро? Нормално дека можеме“,

порача Меџити.

Тој рече дека Артан Груби во техничката влада водел седници додека присутен бил премиерот Талат Џафери.

„Тоа никогаш не било случај додека премиер беше Ковачевски. Груби водел влада само во негово отсуство, што не е случај сега“,

истакна Меџити.

Според него, легален и легитимен претседател на партијата Алијанса за Албанците е Арбен Таравари.

„На крајот на краиштата не е битно на кого судот ќе го додели печатот, туку со кого е народот, кој ја има поддршката. Во Македонија имате партии, претседатели со печати позади кои нема гласачи, поддршката од народот е битна тука“,

додаде Меџити.

Собранието попладнево, во рамки на 143. седница, со 63 гласа „за“, ниту еден „против“ и „воздржан“, ги избра Илир Демири и Наим Бајрами за министри за здравство и за информатичко општество и администрација на местото на нивните сопартијци Фатмир Меџити и Азир Алиу кои во петокот беа разрешени на предлог на техничкиот премиер Талат Џафери.

Барањето за разрешување на Меџити и на Алиу дојде откако тие го поддржаа претседателот на Алијансата за Албанците (АА), Арбен Таравари, кој најави дека на претстојните избори ќе оди со албанската опозиција. Техничкиот премиер Џафери во петокот објасни дека причина за разрешувањето не е професионалноста на Меџити и Алиу, туку тоа што законски не може да има два опозициски субјекта во Владата.

Пронајдете не на следниве мрежи: