Забранети се околу 250 онлајн приредувачи на игри на среќа, кои немаат извадено лиценца во Македонија, информираше денеска министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.
– Тоа е битка на нашата генерација и мора да се справиме со нелегалното приредување на онлајн игри на среќа. Затоа што е пандемија којашто ги зафаќа сите граѓани, особено таргет се младите, бидејќи не можат да играат исгри на среќа со лична карта, ги земаат документите на своите родители и нелегално се приредуваат игри на среќа. Потоа имаме украдени пари, банкарски податоци, украдени банкарски картички итн – вели Андоновски одговарајќи на новинарско прашање, како тече процесот на затворње на онлајн приредувачи на игри на среќа, кои работат нелегално.
Тој посочи дека секој месец имаат активности и процесот трае во континуитет и очекува до крајот на месецот забрана за уште 50 онлајн приредувачи на игри на среќа без лиценци.
Министерот Андоновски забележува дека на овој начин се заштитуваат и младите луѓе како што рече „од овие предатори на интернет“, а на коишто им е целта да ги украдат податоците на граѓаните, а потоа и да ги злоупотребат.



