До 1 јули Грција речиси целосно ќе се врати во „новата нормалност“

Со исклучок на неколку конкретни бизниси и активности, Грција, до почетокот на следниот месец се очекува целосно да се врати во „новата нормалност“, откако ќе се спроведат и новите фази од планот на грчката Влада за дополнително олабавување на мерките, кои денеска ги презентираше заменик-министер за развој и инвестиции на Грција, Никос Папатанасис.
Во сабота се отвораат и внатрешните делови на кафулињата и угостителските објекти, на плажите ќе биде дозволена музика и алкохол, од понеделник почнуваат со работа ноќните клубови и коцкарниците, од 15 јуни фитнес центрите и музеите, од 1 јули е дозволено одржување конференции и концерти, а секако сите ќе работат под конкретни правила и прописи.
Во текот на месецов, постепено ќе се отвораат бизнисите на 6, 8, 15 и 29 јуни, а последната фаза е на 1 јули.


Поконкретно, од сабота, 6 јуни, се отвораат внатрешните делови на кафулињата и угостителските објекти, како и рестораните што се во рамките на хотелите.
Дозволено ќе биде едно лице на 2.2 метри квадратни, растојанието меѓу масите треба да биде меѓу 90 сантиметри и еден метар и 80 сантиметри во зависност од поставеноста на столиците.
Доколку во хотелите е предвидена шведска маса, тогаш ќе има задолжен келнер или вработен во хотелот што ќе ги послужува гостите, но ќе треба да има и заштитен плексиглас.
Гостите, задолжително ќе треба да одржуваат растојание од еден и пол метар.
Во истата фаза, од 6 јуни, на организираните плажи ќе биде дозволено да се постават маси, да се пушта музика и да се продаваат алкохолни пијалаци.
Два дена подоцна, на 8 јуни се отвораат дискотеките, ноќни клубови, коцкарниците, бизнисите што работат со интернет кафе, а важат истите правила како и за внатрешните делови на угостителските објекти.
Во внатрешноста на ноќните клубови забрането е користење на шанковите за гостите.
На 15 јуни, како што веќе е најавено се отвораат сезонски туристички објекти, со што ќе биде означен почетокот на туристичката сезона, а паралелно ќе се отворат и музеите, фитнес центрите, забавните паркови, спа центрите, сауните и бањите.
Две седмици потоа ќе се отворат камповите за деца, а од 1 јули дозволено е организирање конференции и саеми, претстави, концерти и уметнички настани.
Правилата и мерките под кои ќе работат бизнисите што се отвораат во последните три фази, односно на 15 и 29 јуни и на 1 јули, ќе бидат дополнително соопштени.
Како што соопшти надлежниот министер, постојат бизниси за кои сѐ уште не е одредено кога ќе започнат со работа, а како пример ги спомена, кината на затворено, казината, објектите за храна во училиштата, центрите за заштита на стари лица.
Во шестата и седмата фаза, односно во периодот од 6 јуни до 1 јули, на работа ќе се вратат 13 отсто од вработените, односно 89.000 лица, а одново ќе се отворат 63.000 бизниси.
-Со завршувањето на фазите на рестартирање на 1 јули, 670.000 вработени ќе се вратат на работа, односно 97 отсто од вработените кои беа на принуден одмор по наредба од државата, а 249.000 бизниси повторно ќе бидат отворени, односно 95 отсто од сите бизниси што беа затворени, рече заменик-министер за развој и инвестиции, Никос Папатанаси.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.