Државни тајни на распродажба!

Полицијата откри 22 шпиони кои работеле за странски тајни служби. Досега се приведени 17 осомничени лица меѓу кои од Кабинетот на претседателот на Собранието, разузнавачките служби, Министерството за одбрана, Државен архив… Засега од МВР нема информации како и кој ги регрутирал осомничените ниту пак за која или кои разузнавачки служби станува збор и, што е најбитно, колку е загрозена безбедноста на државата со изнесените документи со класифицирана содржина.
Шпионирање за странски разузнавачки служби, оддавање класифицирани податоци со ознака од доверливо до државна тајна, уценување на јавни личности и бизнисмени и изнудување на пари од нив, објавувајќи текстови и информации во повеќе интернет-портали и медиуми е задачата која ја имале 22 лица осомничени во полициската акција изведена вчераутро. Крај на нивните активности вчера стави МВР со акцијата “Шпион”, прва од ваков карактер во поновата историја на Македонија.
– Акцијата се уште е во тек. Беа извршени претреси во домовите и помошни простории на осомничените лица. Полициски екипи пронајдоа и одзедоа 27 лаптоп и десктоп-компјутери во чии хард-дискови се наоѓа многу обемна документација за кривичните дела за кои лицата се осомничени. Пронајдени и одземени се и УСБ-стикови, 32 мобилни телефони и 16 парчиња огнено оружје – изјави вчера портпаролот на МВР, Иво Котевски. Полицијата вчера уапси вкупно 17 лица, двајца осомничени се веќе во затвор каде издржуваат затворски казни, а по други тројца кои се надвор од државата се трага. Сите дваесет и двајца од полицијата се товарат за исклучително тешки дела шпионажа, злосторничко здружување, измама и уцена. Од МВР појаснија дека меѓу уапсените има двајца од Агенцијата за разузнавање, двајца од УБК, четворица екс припадници на УБК, двајца вработени и еден поранешен вработен во Министерството за одбрана, еден вработен во Собрание, еден во Државниот архив, три лица имале свои приватни фирми и еден поранешен директор на Управата за перење пари. До затворањето на весникот полициската акција се уште траеше, а приведените беа во неколку полициски станици низ Скопје од каде се очекува да бидат изведени пред истражен судија во скопскиот Кривичен суд. Од МВР последната информација беше дека кривичните пријави се уште не се поднесени ниту пак дека акцијата е завршена.
– Групата оддавала класифицирани информации доверливи и строго доверливи информации и државни тајни. Соработувале со различни странски служби, а информациите ги добивале од институциите во кои дел од нив работат како и од контакти со поранешни политичари. Со своите активности во прашање бил доведен државниот и безбедносниот систем – појасни Котевски.
Тој додаде дека при изведените претреси кај еден од осомничените било најдено огромно количество на класифицирани документи со чувствителна содржина.
Според првичните информации, осомничените соработувале со странски безбедносни служби, оддавале државни тајни и класифицирани информации со различен степен. Засега од МВР не откриваат кои разузнавачки служби се вмешани во скандалот, како одела регрутацијата и кој ја вршел, но и какви документи им биле предадени односно изнесени од државата и дали тие влијаеле или пак претставувале закана за безбедноста на државата. Покрај тоа работеле и со уцени и измами, а дел од осомничените обезбедувале податоци за лица од јавниот живот и бизнис-заедницата и потоа изнудувале пари. Најчесто се заканувале дека откриените “мали тајни” за самите лица или за член од нивното семејство ќе ги објават во некој медиум или пак на некој интернет-портал. Како што неофицијално дознаваме, меѓу уапсените е шефот на Кабинетот на првиот парламентарец Трајко Вељаноски, Марјан Маџовски, кој на оваа функција е од 2005 година, а во полициска станица се наоѓа и Борис Дамовски од продукцијата “Контрабанда” која стои зад популарните “Еднооки”. Уапсен е и поранешниот директор на Управата за спречување на перење пари и финансирање на тероризам, Ване Цветанов кој сега е портпарол на ВМРО-Народна и поранешниот командант на Лавовите, Горан Стојков, како и Александар Диневски, сега приватен детектив, поранешен функционер од Агенцијата за разузнавање дел од позната група “Осуммина”, Маријан Ефремовски, брат на обвинителот за случајот “Ореше”, кој беше опфатен со полициската акција “Ликвидација”, а се споменува и новинарот Зоран Божиновски, кој не е достапен за органите на прогонот оти во моментов се наоѓа во една од поранешните југословенски републики. Неофицијално, дел од осомничените имаат и свои псевдоними како “Мачор” за Цветанов и “Луди Милојко” за Божиновски. 
До десет години затвор за шпионажа
Според Кривичниот законик на РМ затворските казни предвидени за шпионажа се движат од една до десет години, додека за оддавање на државна тајна е двојно помала односно од шест месеци до пет години.
Шпионажa
Член 316 од Кривичниот законик на РМ: -Тој што државната тајна ќе ја соопшти, предаде или ќе ја стори достапна на странска држава, организација или на лице кое им служи, ќе се казни со затвор најмалку четири години.
– Тој што за странска држава или организација ќе создаде разузнавачка служба во Република Македонија или ќе раководи со неа, ќе се казни со затвор најмалку четири години.
– Тој што ќе стапи во странска разузнавачка служба, ќе прибира за неа податоци или на друг начин ќе ја помага нејзината работа, ќе се казни со затвор од една до десет години.
– Тој што прибавува тајни податоци или документи со намера да ги соопшти или предаде на странска држава, организација или на лице кое им служи, ќе се казни со затвор од една до десет години.
– Ако делото од ставовите 1 и 4 е сторено за време на војна или непосредна воена опасност или предизвикало тешки последици за безбедноста, економската или воената моќ на Република Македонија, сторителот ќе се казни со затвор најмалку четири години.
– Како државна тајна се сметаат податоците или документите што со закон или со друг пропис или со одлука на надлежниот орган донесени врз основа на закон, се прогласени за државна тајна и чие откривање имало или можело да има штетни последици за политичките, економските или воените интереси на Република Македонија.
Оддавање државна тајна, Член 317 од Кривичниот законик на РМ
– Тој што на јавноста или на неповикано лице ќе соопшти, предаде или стори достапна државна тајна што му е доверена, ќе се казни со затвор од една до десет години.
– Тој што на јавноста или на неповикано лице ќе му соопшти, предаде или стори достапни податоци или документи за кои знае дека се државна тајна, а до кои дошол на противправен начин, ќе се казни со затвор од една до пет години.
-Ако делото од став 1 е извршено за време на војна или непосредна воена опасност или довело до загрозување на безбедноста на економската или воената моќ на Република Македонија сторителот ќе се казни со затвор најмалку четири години.
– Ако делото од став 1 е сторено од небрежност, сторителот ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.