ДСЗИ чека одлука од министерот за здравство за да почне со забрани за прием на невакцинирани деца во градинките

„Министерот треба да даде одговор дали ги прифаќа препораките на Комисијата за заразни болести и да донесе одлука ДСЗИ да врши инспекциски надзор исто како што беше во 2019 година кога имавме епидемија на морбили“, изјави денеска директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат

Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) ќе почне со вонреден инспекциски надзор во градинките во Скопје доколку по вчерашната препорака на Комисијата за заразни болести одлука за ваква мерка донесе министерот за здравство.

Директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Рената Младеновска / Фото: Принтскрин

Комисијата за заразни болести, како што потсети денеска директорката на ДСЗИ, Рената Младеновска, вчера во врска со епидемијата на голема кашлица, која на 9 февруари беше прогласена на територијата на град Скопје даде препорака овој Инспекторат да изврши вонредни контроли во градинките во главниот град и да забрани прием на деца кои не се вакцинирани со ди-те-пер вакцина против голема кашлица. Целта на контролите е да се зголеми опсегот на вакцинација, која според надлежните е најефикасната мерка за заштита од пертусис.

Младеновска појасни дека од самиот старт на епидемијата контрола врз вакциналните статуси на децата врши Министерството за труд и социјална политика, кое ја има законската надлежност да ја следи документацијата за состојбата со вакцинацијата при упис на децата во градинка.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат ја нема таквата надлежност при редовните надзори, рече Младеновска, туку негова обврска е да ги санкционира родители кои од различни причини не ги однеле своите деца на редовна вакцинација, согласно редовниот календар за имунизација. Во градинките ДСЗИ вообичаено врши вонредни надзори, но тие се од санитарно-хигиенски аспект.

„Согласно Законот за заштита на населението од заразни болести, Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе врши вонредни инспекциски надзори и ќе забрани прием на деца коишто не се вакцинирани со ди-те-пер вакцина, тогаш кога препораката на Комисијата за заразни болести, којашто е советодавно тело на министерот за здравство стане прифатена препорака и се донесе одлука на Државниот здравствен и санитарен инспекторат му се наложи (од министерот за здравство) да ги врши овие вонредни инспекциски надзори во предучилишните установи“,

рече Младеновска.

Одговарајќи на новинарско прашање, таа појасни дека ќе го чекаат налогот од министерот за здравство согласно препораките од Комисијата за заразни болести.

„Сепак, министерот е над сите нас и треба да даде одговор дали ги прифаќа препораките и да донесе одлука ДСЗИ да врши инспекциски надзор исто како што беше во 2019 година кога имавме епидемија на морбили“,

рече Младеновска.

Вакцинација (Илустративна фотографија)/ Фото: Архива

Таа дополнително информираше дека ДСЗИ согласно планот за овој месец има предвидено редовни инспекциски контроли во сите вакцинални пунктови ширум државата, како и во здравствените домови.

„Согласно нашата законска надлежност ќе проверуваме опрема и простор од санитарно-хигиенски аспект, дали имаат антишок терапија, дали уредно водат евиденција и документација за секое едно дете што се носи на вакцина и она што за нас е важно и за општеството е тоа дека тие списоци што ги прават во вакциналните пунктови се доследно испратени до нашата институција каде што ние можеме понатаму да постапуваме, односно да ги викаме родителите на постапка за порамнување, со други зборови да изречеме глоба доколку не сакаат да го вакцинираат своето дете“,

изјави директорката на Државниот пазарен инспекторат.

Глобите за родителите што не ги вакцинирале своите деца согласно календарот за имунизација се движат од 300 до 650 евра. Казни, како што кажа Младеновска, досега се изречени многу, но поважно прашање е каков е исходот, односно реакцијата на родителите, додава директорката.

„Како ни ги испраќаат вакциналните пунктови списоците на родители, со име презиме на децата, со лични податоци, ги повикуваме на порамнување и имаме доста казнувано. Како завршуваат тоа е побитно прашање. Дел од родителите се сложуваат и ја плаќаат казната, но со тоа не сме го решиле проблемот бидејќи детето останува невакцинирано. Од друга страна, има родители коишто не сакаат да ја платат казната и завршуваат на суд, каде судот им дава опомена и плаќаат судски трошоци“,

вели Младеновска.

Според последните информации од Центарот за јавно здравје, денеска во Скопје се регистрирани три нови случаи на заболени со голема кашлица. Со тоа бројката на нови случаи во главниот град се искачи на 141 случај.

Вчера, од Комисијата за заразни болести рекоа дека најмногу заболени има во Скопје, но дека регистрирани се случаи и во Дебар, Струмица и Тетово. Сепак, според Комисијата не може да се каже дека состојбата на национално ниво се разгорува.

Од 15 март се очекуваат и вакцини против пертусис за возрасни, а предност ќе се дава на оние што живеат со деца кои се под посебен ризик да заболат од пертусис и кај кои ќе има тешка клиничка форма на болеста, а тоа се децата до две години. Исто така, предност ќе имаат и вработените кои се во директен контакт со децата кои се на оваа возраст, како и бремените жени.

Од Комисијата за заразни болести најавија дека вакциналните пунктови во Скопје и во наредниот период ќе продолжат со работа во две смени.

Пронајдете не на следниве мрежи: