„Во Open Finance е евидентирана месечна исплата од околу 1.000 евра од Општина Чаир за Хаќим Рамадани, поранешен директор и кандидат за градоначалник од друга општина. Ниту живее во Чаир. Ниту е даночен обврзник во Чаир. Ниту има врска со реалните потреби на граѓаните на Чаир“, обвинија денеска од ДУИ. Според партијата, станува збор за партиски активист на ВЛЕН.
Од ДУИ додаваат и дека воспитувачките и вработените во градинките во Чаир шест месеци ја немаат добиено исплатата од 100 евра и си заминуваат една по една од работните места.
„Ова е реалноста што ја создаде Изет Меџити. Пари за партиските кадри има. За воспитувачките што се грижат за децата во Чаир нема. Ова е морална, политичка и институционална злоупотреба на општината.
Изет Меџити го загуби секој кредибилитет да зборува за одговорност, развој и грижа за граѓаните. Бараме итна оставка од Изет Меџити. Нема да запреме сè додека не замине и додека на Чаир не му се врати институционалното достоинство“, стои во партиското соопштение.



