Министерот за економија, Бесар Дурмиши, денеска најави дека ќе се воведат нови мерки во случај маркетите да ги зголемат цените по завршувањето на актуелната владината мерка, која трае до задутре. Тој истакна дека ќе биде разгледано ограничување на маржите за речиси сите производи или зголемување на вредноста на ограничувањето.
„Мерката завршува на крајот на месецот, во среда. Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека мерката дава резултати. Во март имаме инфлација од 2,7 проценти, а споредено со февруари, имаме дефлација од 1,3 проценти. Истите информации покажуваат дека во изминатиот и овој месец цените на храната и пијалоците се намалени, што укажува на тоа дека мерката дава резултати“, рече Дурмиши.
Тој додаде дека со Државниот пазарен инспекторат ќе бидат на терен за да ги следат цените.
„Ако се утврди девијантно однесување од страна на маркетите или ако цените енормно се зголемат, ќе бидат применети поригорозни мерки од сегашните. Наместо на 102 групи производи, како што е сега, ќе ги опфатиме речиси сите производи што ги продаваат ланците маркети“, рече Дурмиши.