ЕВН го распиша новиот тендер за набавка на струја за домаќинствата, потврдија од компанијата за Телма. Повикот е објавен пред околу една недела. Сега на ред се енергетксите компании да достават свои понуди, а ќе биде избрана најповолната.
Вообичаено на тендерот на ЕВН ХОУМ имало една понуда и тоа била онаа на ЕСМ. Во моментов цената по која Електрани ја продаваат својата електрична енергија за домаќинствата на Универзалниот снабдувач е 65 евра за мегават час.
Пред извесно време и од ЕСМ за Телма изјавија дека пресметките за новата цена до владата ќе ги достават до средината на ноември. Во меѓувреме, Регулаторната комисија за енергетика ги разгледува пресметките на Електродистрибуција, МЕМО и МЕПСО и треба да ја утврди новата цена за преносот и дистрибуцијата на електрична енергија. Но, на крајот какви сметки ќе плаќаат граѓаните од 1 јануари, најмногу ќе зависи од тоа каква цена за својата струја ќе понуди ЕСМ.
Премиерот Мицкоски пред извесно време кажа дека подолу од 65 евра за мегават тешко е да се оди поради глобалните случувања, но се правело обид да остане иста. Па останува да се види дали Владата ќе успее да ја задржи истата цена на електричната енергија за домаќинствата.



