Европската комисија го обвини TikTok за создавање зависност од апликацијата

Европската комисија во петокот го обвини TikTok дека намерно ја дизајнирал својата апликација на начин што поттикнува зависност, наведувајќи функции како што се бесконечно скролување, автоматско пуштање видеа, push известувања и алгоритам за препораки. Од друга страна, TikTok го негираше сето ова.

Во прелиминарните наоди од истрагата за усогласеност со Европскиот закон за дигитални услуги (DSA), Комисијата изјави дека TikTok не проценил соодветно како одлуките за дизајн би можеле негативно да влијаат врз благосостојбата на корисниците, особено на малолетниците и ранливите групи.

Користењето на апликацијата ноќе и честотата на нејзино отворање во текот на денот беа истакнати како проблематични индикатори.

Во соопштението на Комисијата се наведува дека одредени функции на апликацијата ги „наградуваат“ корисниците со постојана нова содржина, што може да доведе до компулсивно однесување и намалена самоконтрола.

Поради ова, од TikTok се бара да го промени основниот дизајн на корисничкиот интерфејс, вклучително и исклучување на бесконечното скролување, воведување задолжителни паузи за време на употребата и промена на системот за препораки.

„ТикТок“ ги отфрли обвинувањата, наведувајќи дека прелиминарните наоди се „категорично неточни и без основа“ и рече дека ќе ги искористи сите законски механизми за да ги оспори заклучоците на Комисијата.

Тие исто така наведуваат дека TikTok нуди алатки за управување со времето поминато пред екран и родителска контрола, но Европската комисија смета дека овие мерки не се доволно ефикасни бидејќи лесно се заобиколуваат и бараат дополнително вклучување на родителите.

Овие обвинувања доаѓаат во време кога социјалните мрежи низ целиот свет се под зголемен надзор од регулаторите.

TikTok сега има рок да одговори на прелиминарните наоди на Европската комисија, а потврденото кршење на правилата на DSA може да резултира со казни до шест проценти од глобалните годишни приходи на компанијата.
The post Европската комисија го обвини TikTok за создавање зависност од апликацијата appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: